Компанијата „Епл“ ќе претстави 15-инчен „мекбук ер“ во 2023 година, пренесува „Блумберг“.
Петнаесетинчниот „мекбук ер“ треба да биде претставен следната пролет, а „Епл“ би можел да се врати и на малите лаптопи, бидејќи наводно работи на 12-инчен модел, кој би требало да дебитира кон крајот на 2023 или почетокот на 2024 година. Оние на кои им недостига „мекбук“ од 2015 година и кои сакаат модерен хардвер и добра тастатура, би можеле да доживеат остварување на сонот. Добро упатени извори велат дека „Епл“ планира кон крајот на годинава да лансира подобрен модел „мекбук про“ од 14 и 16 инчи со процесори „М2 про“ и „М2 макс“. Сепак, постои можност нивното доаѓање да биде одложено до почетокот на 2023 година. Новиот процесор „макс“ ќе нуди до 12 процесорски јадра и 38 графички јадра во споредба со 10 и 32 јадра во случајот со процесорот „М1 макс“.
„Епл“ размислуваше да го претстави „мекбук ер“ оваа година, но плановите се сменија за да се фокусираат на 13-инчниот модел претставен минатата недела. Гласините за поголем „ер“ започнаа да кружат во март, кога аналитичарот Рос Јанг рече дека таквиот уред е во фаза на развој. Поголемиот „ер“ не би изненадил бидејќи овој модел е најпродаваниот лаптоп на „Епл“, а неговата 15-инчна верзија може да им се допадне на клиентите што сакаат поголем екран, но не им требаат перформансите и карактеристиките на поскапата линија „мекбук про“.
Ова би можело да биде крај на стратегијата на „Епл“ да „резервира“ поголеми екрани само за своите најскапи уреди.