Нега и убавина
Мирисот нè асоцира на одреден момент, сеќавање или личност, поради што предизвикува вистински емотивни реакции. Речиси секој има свој омилен парфем, но дали некогаш сте се запрашале која е всушност разликата помеѓу „Eau de parfum“ и „Eau de toilette“, натписите што ги гледаме на секое шише?
Разликата помеѓу тоалетната вода и парфемот е многу јасна и едноставна. Сè се сведува на класификацијата што ја прави компанијата, врз основа на тоа како се чувствува парфемот во концентрацијата и длабочината на мирисот, пишува порталот „Бирди“.
– Општо земено, концентрацијата на тоалетната вода е помеѓу 8 и 12 проценти, додека концентрацијата на парфемската вода е помеѓу 12 и 18, иако концентрациите може да варираат – објаснува Мари Волис, поранешната директорка на маркетинг во француската парфимерија „Диптих“.
Според Волис, важно е да се разбере дека уделот на мирисливото масло во парфемот не е едноставна квалитативна вредност, бидејќи, како што сакате само одредено количество листови од чај во чајник, така не секогаш повеќе значи подобро. Во зависност од видот на парфемот, понекогаш помалку е повеќе, а понекогаш е потребна поголема концентрација за да се постигне саканиот ефект.
Волис објаснува дека, со оглед на тоа што има поголема концентрација на мирис во парфемите, тоа влијае на должината на времето и ароматичноста. Едноставно кажано, парфемската вода трае подолго на кожата и е поароматична од тоалетната вода, која побрзо ќе испари. Парфемот и тоалетната вода може да не мирисаат исто, дури и ако се означени како истиот мирис. Тоалетната вода често е полесна и посвежа, додека парфемската вода е побогата и постојана. За дневно или деловно користење, тоалетната вода може да биде поудобна и посоодветна, додека парфемската вода нуди поголема длабочина, што може да биде убаво за навечер. Исто така, може да ги земете предвид температурата и сезоната пред да изберете. Во влажна и топла клима, може да се претпочита свежа тоалетна вода, додека во постудено време парфемот може да понуди повеќе топлина и длабочина.