915. Личеноски Лазар, Св. Богородица со Христос, 1931, хартија комбинирана техника, 41х33

На самиот почеток од 20 век, интензивните социјалистички движења меѓу другото ја поддржуваа борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите. Повеќе од половина век борба за родова еднаквост ја произведе одлуката на Обединетите нации од 1975 година, 8 март да биде прогласен за Меѓународен ден на жената. Меѓународниот ден на жената, светскиот празник 8 Март, оттогаш се чествува секоја година. По овој повод, Националната галерија веќе традиционално организира тематска изложба посветена на овој ден, наедно преку овој настан испраќајќи честитка до сите жени. Годинешната изложба, насловена „Мајчинство“ – од колекцијата на Националната галерија, ќе биде поставена во просторот на „Чифте-амам“ на 7 март, во 19 часот.
– Изложбата претставува селектиран избор на македонски и странски автори, припадници на различни генерации ликовни автори, кои ја опфаќаат темата мајка и мајка со дете, односно една од најповиканите и тематски најзастапена улога на жената низ историјата. Селекцијата опфаќа дела што се дел од богатата колекција на Националната галерија. Изложбата вклучува широк избор на дела, почнувајќи од иконовидните претстави на Богородица до новите медиуми.

514-2. Мештровиќ Иван, Мапа 21 литографија, 1923, литографија, хартија, 50х70, 70х50

Темата е застапена преку повеќе ликовни техники и принципи на ликовно изразување, како масло на платно, темпера на картон, молив на хартија, туш на хартија, бакрорез, монотипија, фотографија на форекс, таписерија. Скулптурите што се дел од оваа изложба се изведени во техниките на теракота, гипс и бронза – велат од Националната галерија.
На оваа изложба ќе можат да се видат дела од Димитар Андонов Папрадишки; на авторите од првата основоположничка генерација, меѓу кои Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Димче Коцо, Димо Тодоровски; периодот на афирмацијата и продорот на новите ликовни тенденции во повоените години, како Петар Мазев, Ванчо Ѓорѓиевски, Глигор Чемерски и др. Наедно се застапени и примери од авторите што ѝ припаѓаат на југословенската збирка, меѓу кои Иван Мештровиќ, Павле Симиќ, Лука Тошановиќ и др. Оваа презентација ќе ѝ овозможи на публиката да види ликовни остварувања од првите самоуки сликари, академски образовани уметници, како и автори од поновите генерации.
Ликовната поставка ќе ѝ биде достапна на јавноста во импозантниот простор на „Чифте-амам“ во текот на март и ќе и понуди, веруваме, уште еднаш, вистинско ликовно уживање со делата на реномирани автори во кои е прикажано мајчинството.
Кураторка на изложбата е Елена Иванова, кустоска. В.Д.