Медицински совет

Витаминот Д помага за регулирање на количеството калциум и фосфат во организмот, па неговиот недостиг може да доведе до голем број проблеми. Научниците тврдат дека овој витамин влијае на голем број функции во човековиот организам, од ублажување на респираторните инфекции и зголемување на плодноста до намален ризик од рак на дојка, па дури и ублажување на симптомите на мултиплекс склероза. Кога имаме дефицит од витамин Д се будиме уморни, безволни и немаме елан ниту по повеќечасовен сон.
Витаминот Д е познат и како витамин на сонцето, па во текот на зимските месеци го земаме преку суплементи. Со желба да го зајакнеме имунитетот ја пречекоруваме препорачаната доза, а тоа е штетно за организмот. На пример, може да чувствувате мачнина, нагон за повраќање, слабост на мускулите и губење на апетитот, како и често мокрење.
Лекарите тврдат дека доколку подолг период сме земале повеќе витамин Д, тоа ќе предизвика собирање поголемо количество калциум во телото, што ги ослабнува коските и ги оштетува бубрезите и срцето.
Хипервитаминоза Д е ретка, но потенцијално опасна состојба што се јавува кога имате преголеми количества витамин Д во своето тело. Организмот природно го регулира количеството на овој витамин произведено со изложување на сонце – велат од клиниката „Мајо“ во САД.