Фото: Фејсбук/ДЗС

Припадници на државните служби, спелеолози и доброволци ја продолжуваат потрагата по десетгодишниот Петар кој исчезна минатиот петок во Врбско, Прилепско.

Спасувачките тимови и денеска се спуштаат во старите окна на поранешната фабрика „Партизанка” од Прилеп длабоки 70 метри, откако момчето не беше пронајдено вчера кога припадник од Дирекцијата за спасување и заштита (ДЗС), влезе во јамата на напуштениот рудник „Партизанка“, според последните информации во медиумите. Во јамите на „Партизанка“ претходно никој не влегол во изминатите 40 години.

Фото: Фејсбук/ДЗС

Според МВР, во потрагата по Петар се вклучени голем број на доброволци и околу сто припадници на државните служби. Од вторникот во потрагата се приклучи и ДЗС со ангажирање на седуммина припадници, од кои четворица се од тимот за брз одговор за спасување од планини од ПОЗС – Битола, еден од тимот за спасување од високи објекти од ПОЗС – Прилеп и двајца вработени од Секторот за оператива и логистика.

ДЗС ги засили тимовите вклучени во потрагата по момчето со стручни лица од Македонски Брод и од Тетово, покрај ангажираните припадници од Битола, Прилеп и Скопје, а обезбеди и АТВ – мотори и специјални возила.

Предвидено е потрагата да продолжи денес и утре по течението на Црна Река.

На Петар му се губи трагата во дворот од куќата во село Врбско, Мариово, каде што неговите родители одгледувале пчели.