Фото: Приватна архива

Автор: Д-р Даландише Демири- Сулејмани, дерматовенеролог
Атопискиот дерматит е хронично воспаление на кожата која обично се појавува во доенечката возраст помеѓу 3. и 6. месец од животот. Тоа е мултифакториелна болест, која се јавува како резултат на интерреакција на имунолошки, генетски и надворешни фактори.
Околу 80%, атопискиот дерматит има генетска подлога, заболените деца потекнуват од фамилија со атописка болест (атописки дерматит, астма, алергиски бронхитис и ринитис). Ако еден од родителите има атописки дерматит, шансите за заболување на детето се околу 25% а доколку и двајцата родители имат некоја атописка болест тогаш шансите за заболување на детето се до 50%.
Кај атопискиот дерматит има пореметување на структурата и функцијата на кожата (нарушена епидермалана бариера) по која следи активирање на имунолошкиот систем и појава на воспаленије која дополнително ја нарушува кожната бариера, се зголемува трансепидермалната загуба на вода со што кожата станува сува и иритабилна.
Голем број на надворешни фактори можат да ја влошат состојбата. Такви фактори можат да бидат: контакт со материи што ја сушат кожата (сапуните, шампоните, детергентите за перење), директен контакт на кожата со волнена облека, студеното време и стресот. Често кај одредени деца, првите симптоми на болеста се провоцираат од употреба на млекото, јајцата, кикиритките, сојата, рибата и житото.
Поделба
Постои поделба на атопискиот дерматит според возраста:
-Инфантилен тип кој се појавува од 3. месец до крајот на втората година на животот, обично на лицето, главата, горниот дел на трупот, горните и долните екстремитети. Во ова рана фаза доминираат ексудативни екцематозни промени.
-Детскиот тип се појавува по втората година на детето кога се развиваат лихенифицирани ограничени промени на прегибните регии на големите зглобови (поплитеално, кубитално), лицето, вратот и тилот со атаки на јадеж и гребење со што кожата е склона на бактеријски и вирусни инфекции.
-Адултен тип, по 12. година. Промените со годините стануваат поблаги а по завршување на пубертетот скоро да исчезнуваат. Екцемот на дланките може да биде единствен израз на атопичен дерматит.

Дијагноза
Поставени се дијагностички критериуми: главни и споредни.
Главни критериуми се: чешање, типични промени и локализација, хронично – рецидивирачки дерматит и лична или фамилијарна анамнеза за атопија.
Споредни критериуми се: сува кожа, хиперлинеарни палми, кератозис пиларис, покачен серумски ИгЕ, ран почеток на болеста, склоност кон кожни инфекции, коњуктивит, јадеж при потење, преосетливост на волна и на некоја храна итд.
Терапија
Во акутната фаза се препорачуваат краткотрајно користење на топикални кортикостероидни кремови. Во хроничната фаза кога кожата е многу сува и иритирана краткотрајно се користат топикални кортикостероидни масти или имуномодулатори кои можат да се користат подолго време. При бактеријска суперинфекција може да се користат топикални или системски антибиотици, при интензивно чешање од корист се седативните антихистаминици.
Хигиена и нега на кожа
За да се спречи сувоста и иритацијата на кожата треба туширањата да бидат кратки , не повеќе од 10 минути и со не многу топла вода, да се користат маслени купки, препарати без парфеми и парабени а сушењето на кожата треба да се прави со благо тапкање. Еднаш до двапати дневно да се нанесува емолиенс за обновување на кожата, исто така многу е важно облеката да биде памбучна и треба да се избегнува потење. Кога времето е студено и суво, треба да се нанесува поголема количина на емолиенс затоа што кожата е склона кон исушувње.
Прогноза
Атопискиот дерматит често се смирува со возраста, но пациентите имаат доживотна осетливост на кожата кон иританси и склоност кон професионални заболувања.