Една од највпечатливите градби во Скопје, зелената куќа дворец во населбата Црниче, околу која со години се плетеа мистерии и легенди, е главната инспирација за приказната во новата книга „Зелениот дворец“ од авторот Сибо. Романот, кој е добитник на наградата „Пегаз“, беше промовиран неодамна.
– Отсекогаш сум сакал да напишам книга за Скопје, да му се оддолжам за сѐ што сум преживеал со него. Книгата ја напиша градот, вметнувајќи дел од приказните на неговите жители. Ова е книга за градот, за скопјани, за скриени приказни на малите, но големи луѓе, за Ристиќевата палата, за поплавата, земјотресот, за едно Скопје што веќе го нема и за Скопје што го познаваме. Оваа книга можеби не е само за една куќа, една мистерија, ниту за една љубов ниту за нечиј живот. Но приказната е во Скопје. Можеше да се случува каде било, а сепак е блиску до нас. Ова е роман за Скопје и за неговите животи, за физичката формула за љубовта. И секоја врска меѓу луѓето, градбите, различната хронологија и различните димензии, дури и различните жанрови што се испреплетени во оваа приказна ги врзува една емоција. „Се случило ама не се случило“ – или со дијалектот од приказната „се десило ама не се десило“… – изјави Сибо.
Романот „Зелениот дворец“ е роман временска машина низ историјата на градот Скопје и неговата трансформација во дваесеттите и во шеесеттите години на минатиот век и во сегашноста. Во фонот на урбанистичките промени на градот, поттикнати од различни човечки и природни влијанија, Петар – средовечен маж и научник од совремието – се чувствува како да не припаѓа на времето во кое живее и доживува необични случки што го поттикнуваат да ја продлабочи идејата за постоење паралелни универзуми. Привлечен од нејасна внатрешна сила, доаѓа до куќата дворец во населбата Црниче во Скопје, изградена во дваесеттите години на 20 век на тогашната периферија на градот. Легендата вели дека таа куќа била опседната од духови и проколната, но за Петар ќе биде поаѓалиште кон неговото следно патување.
Јана Мишо, во својот промотивен осврт кон книгата, истакна дека романот ни е даден подарок, за нас како скопјани и читатели, по читањето, секогаш кога ќе поминеме покрај некоја од пулсирачките точки на градот, да ни се создаде пред очи слика што само добар роман може да ти ја вреже во главата.
– По „Зелениот дворец“ тоа се случува кога ќе поминеш покрај Ристиќевата палата, покрај железничарската зграда или Француските гробишта. Приказната е многу несекојдневна и необична за нашата литература, а сепак, и покрај фантастичните моменти, толку реална и човечка. Ликовите се толку комплексни, а сепак едноставни, и формулите што се провлекуваат низ приказната, полесно се објаснуваат преку филозофија отколку преку физика – вели таа.
Основната наративна нишка на романот „Зелениот дворец“ на Сибо ја сочинуваат три временски точки поврзани со градот Скопје: Скопје од втората деценија на дваесеттиот век, Скопје од земјотресот во 1963 година и современото Скопје, според Владимир Јанковски, кој беше во жирито што ја донесе одлуката „Зелениот дворец“ од Сибо да ја добие наградата „Пегаз“ за 2022 година.
– Книгата тргнува од познатата, речиси архетипска тема на книжевната фантастика: можноста поединецот да влезе од една временска димензија во друга. Авторот го користи овој мотив за да ја раскаже својата приказна за преклопувањето и вкрстувањето на различни временски димензии во еден простор, кои предизвикуваат необични настани, чудни средби и неочекувани животни пресврти. Во приказната за талентираниот научник и чудак Петар, кој одеднаш ќе се најде пред една навидум нерешлива егзистенцијална ситуација, авторот комбинира судбини на неколку ликови од неколку временски слоеви на Скопје. „Зелениот дворец“ е филозофски роман за емотивно-психолошките последици од претпоставената нелинеарност на времето, а истовремено е и љубовна и урбофилска приказна за различните историско-културолошки слоеви на градот – вели Јанковски.
На годинашниот конкурс за наградата за најдобар необјавен роман на годината – „Пегаз“, кој го организираат издавачката куќа „Арс ламина“ и фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, се пријавија и учествуваа 38 ракописи.