На самиот крај на минатата година излезе од печат новиот наслов на издавачката куќа „Гаврош“, „Заборавениот јазик“ – вовед во разбирањето на соништата, бајките и митовите од Ерих Фром, во превод на Слободанка Марковска.
– Фром како еден од највлијателните мислители на модерните времиња, ни презентира инспиративна научна расправа за разбирањето на природата на искуството од соништата поаѓајќи од тезата дека тие се напишани со еден универзален јазик што луѓето во модерноста го заборавиле, а тоа е симболичкиот јазик. Веруваме дека преводот на ова дело, првпат објавено во 1951 година, не само што ќе го зголеми фондот на научна литература во доменот на хуманистичките науки и психијатриска практика туку ќе го пронајде патот до широк круг читатели или до сите нас што настојуваме подобро да се разбереме себеси и другите – пишува издавачот.
Во извадок од книгата се наведува: „Да се знаат точните одговори се чини дека е најважно; во споредба со тоа, да се постави вистинско прашање се смета за безначајна работа. Можеби токму таквиот став е причината зошто една од најзбунувачките појави во нашето живеење – нашите соништа – толку ретко предизвикува чудење и поставување прашања. Сите ние сонуваме; не ги разбираме сопствените соништа, а сепак се однесуваме како ништо чудно да не се случува во нашиот ум додека спиеме; чудно барем во споредба со логичките, целисходни активности на нашиот ум кога сме будни“.
„Заборавениот јазик“ ќе може наскоро да се најде низ книжарниците во земјава.