Кон изложбата „5.17“ на Диме Темков во Културно-информативниот центар

Во уметноста најмногу пишуваме за среќата, иако почесто несреќата е наша судбина. Многу години имавме несреќа на грбот. Со векови живеевме во сенка на османскиот султан и неговата јаничарска војска. Си замина таа проклетиња, оставајќи ни песни со несреќен здив. Ги пееме кога сме напоени, така прилега во нашата слика за љубовта и опстојбата. Изминаа 60 години откако голема несреќа ги погоди нашиот град и неговите жители. Скопје е на местоположба што му се повторуваат такви несреќи – во антиката, од што ни остана акведукт, во средниот век, од што е разурната тврдината по која нѐ викаат Виделина, Скопија. Денес сме и натаму на исто место, кое го потресуваат понекогаш силни потреси, а малечки постојано секој ден нѐ потсетуваат на почвата што не е сигурна засекогаш. Осум месеци пред големиот потрес градот беше максимално поплавен, луѓето имаа страв да не пукне браната на Матка и градот изграден околу Вардар да не биде уништен. Некои велат големата вода, која се рашири и низ центарот, во внатрешноста на земјата поместила карпи што го потресоа несреќниот град.
Рано утрото на 26 јули 1963 година стихијата проговори. Тие што беа разбудени велат грготела како страшна вештерка, со ужасен звук на тираносаурус. Во два удара од внатрешноста на земјата дојдоа опасни бранови на земјотресот, кој тешко го погоди Скопје. Најмногу настрада центарот на градот. Земјотресот удираше во бранови, небаре ги избираше страдалниците. Една голема куќа ќе паднеше со жртвите, таа покрај неа остануваше цела. Имаше и големи несреќи. Новата железничка станица падна со голем централен хол и со една канцелариска страна на луксузната градба давајќи 300 жртви. Најпознатиот градски хотел се стопи со исто толку страдалници. Најубавите згради во центарот, ликовни симболи на Скопје, Народната банка и Офицерскиот дом, заминаа во неврат. Скопскиот универзитет и Народниот театар беа збришани. Градското собрание (карши киното „Култура“) и соседната Католичка црква паднаа. Радио Скопје беше урнато. Боемската кафеана „Зора“ и Милицискиот клуб исто така. Среде градот силата небаре избираше згради и несреќници. Така беше и во новите населби. Загинаа 1.500 души, некому роднини, познати личности, наши соседи.
Но многу градби останаа цели, фала му на Бога! Бидејќи беше рано, 5.17 минути, во многу паднати училишта или уреди немаше луѓе. Општината Центар, сета во стакло, отиде јабана, без страдалaници (сега таму е кренат УЈП). Младинскиот дом на културата на општината Центар, „Кочо Рацин“, сиот од стакло се стопи во срчи. Паднаа многу училишта, Женската и Машката гимназија, Фискултурната сала (позната по игранките) карши Машката и црквата „Св. Мина“, црквата „Св. Константин и св. Елена“, Градежното училиште спроти Градежниот факултет, Средното музичко и многу основни беа збришани. Нема среќа во несреќата, но сепак многу погодени градби се загубија во постоењето без непосредни жртви. Падна касарната музеј на Калето, турско наследство, но жртви јок. Во старата чаршија земјотресот растресе многу згради и дуќани, нема ни трага од покриената чаршија што одамна не вирее. Паднаа минарињата на сите џамии. Највисоката градба, Работничкиот дом, каде што се одржува оваа изложба, остана, благодарејќи на умот на градителот. Страдаа маала во центарот, убави скопски улици оштрбени со понекоја зграда, која безмилосно ги однесе своите жители.

Несреќата го згусна градското чувство. Силната треска им ја изеде душата на сите. Во арсеналот на болката завладеа несреќа. Тоа не беше страдалништво без споредби, несреќата букна во луѓето. Скопје беше релативно мал град, несреќата вриеше во неговите жители, и кај тие што останаа да живеат и да се борат среде урнатините и кај оние што заминаа подалеку за да се спасат. Несреќата вивна силно и неумитно, таа стана елемент на живејачката. Со години.
Сега знаеме и се сеќаваме на тажно сочувствување. Како главен град на мала република одекна потресот. Дојдоа мнозина да помогнат. Илјадници ги креваа со раце паднатите камења и ѕидови за да најдат понекој покриен. Помош пристигна отсекаде. Сите од Југославија дадоа по една плата. Се споделуваше страдањето. Несреќата ги опседнуваше луѓето со страв да не се повтори. Долго, долго растеше несреќата и без залудна бездна. Луѓето се скрија во градините, во Градскиот парк се крена град од шатори.
Почна изградба, поправање на некои градби, како македонското собрание, користење на преостанатите во целост, како црквата „Св. Димитрија“. Помош дојде од Обединетите нации, направен е ѕидан канал за Вардар, Универзитетот го користеше она што остана цело, додека не се направи новиот универзитет. Стигнаа бараки од Словенија, Финска и од други земји, почна да се крева ново Скопје. Се рашири надалеку без жртви, нови маала. Тоа ја смири несреќата.
Почна среќа во Скопје. Денес е град со пет пати повеќе жители, со смирено постоење. Понекогаш силно ќе удри земјотресот и ќе ги исплаши сите, како пред седум години, но нема жртви. Ќе требаат уште векови до евентуална несреќа. Сега се разви градот, се гради, има сообраќај и трговија, никнаа медицина и театар, отворени се музеи, Скопје е регионален центар за рокенрол и џез. Среќата ги смири граѓаните. Уметникот Диме Темков е роден во населбата Карпош 1, по неколку години. Израсна на булеварот Кочо Рацин. По повод оваа тажна годишнина нѐ потсети на несреќата во најпрочуената галерија КИЦ. Нека живее Скопје во радост од неподлегнување на несреќа.


Самостојна изложба на ликовниот уметник и графичар Диме Темков

Самостојната изложба на слики на ликовниот уметник и графичар Диме Темков со наслов „5.17“ ќе биде отворена вечерва, во КИЦ. Диме Темков е роден во Скопје 1971 година, завршил Средно уметничко училиште – оддел графика и дизајн, потоа студирал графика на Факултетот за ликовна уметност во Скопје во класата на професорот Димче Николов, каде што дипломирал и истата година. Се запишал на постдипломските студии за графика на Академијата за ликовна уметност и дизајн во Љубљана каде што и денес живее и работи.
Диме Темков работи и на организација на општествени и хуманитарни дејности. Учествувал во организација на 21 меѓународна ликовна колонија и реализирал 50 самостојни изложби. Активен член е на ротари-клубот „Логатец“, каде што го води клупскиот проект „Уметници во Ротари“. Како дел од програмата на меѓународната ликовна колонија „Михајлово“, која се одржува во Кавадарци, лани во август беше отворена негова изложба.