Кога се зборува за личното искуство во доживувањето на уметноста, во овој случај литературата: неискусниот млад читател, по најдлабоката, дури со солзи доживеана „Ана Каренина“ за само десетина години ќе се соочи со еден немилосрден спис против бракот, против сексот и против жената. Особено против сексуалниот нагон, зашто, според Толстој, предизвикува љубомора и насилство. Додека во прикажувањето на женските ликови во своите големи романи – Наташа, Ана, Кити… инаку различни меѓу себе – авторот со непристрасност нѐ внесува во нивните карактери и судбини, во „Кројцеровата соната“, сопругата на Подзнишев е прикажана преку неговата стравотна исповед, како оправдана жртва поради својата женскост.
Во писмото до Плешчеев, Чехов, кој целиот свој живот е пленик на моќта на Толстоевата реч, и во сета таа нескриена љубов, ќе напише: „Читајќи ја, одвај се додржуваш да не викнеш: ’Тоа е вистина!‘ или ’тоа е бесмислено‘!“ Навистина, во неа има мошне непријатни недостатоци. Покрај сето она што сте го пресметале вие, во неа има уште едно нешто што нема да му се прости на нејзиниот автор, имено – смелоста со која Толстој размислува за она што тој не го знае и кое од упорство не сака да го разбере. Така, неговите размислувања за сифилисот, воспитните домови, за одвраќањето на жените од половиот акт и сл., не само што можат да бидат оспорувани, но и отворено го изобличуваат простиот човек, што не се потрудил во текот на својот долг живот да прочита две-три книшки напишани од специјалисти. Но и покрај тоа, овие недостатоци се разлетуваат како пердуви на ветер; земајќи ги предвид достоинствата на повеста нив просто не ги забележуваш, а ако ги забележиш, тогаш само ќе се подналутиш што повеста не ја одбегнала судбината на сите човечки дела, што сите се несовршени и неослободени од петна…“.
Секое препрочитување на „Кројцеровата соната“ ја потврдува зачуденоста на Чехов: како еден благословен творец кому му е дарено совршеното владеење со обликот и психолошкото „фотографирање“ на своите ликови, може така да ја напаѓа, без милост и нескриена одбојност, женската природа.
Толкувачите на Толстоевото дело често нагласуваат дека жолчните осуди на Подзнишев против сопружничката мачнина во „Кројцеровата соната“ е предизвикана од авторовите незадоволства во бракот со Софија Андреевна, што ќе резултираат, дваесет години подоцна, со бегство од сопругата, семејството и Јасна Полјана. И од животот. Според сведоштвата, состојбата во бракот на Лав и Софија се влошувала од година на година, потоа од месец на месец, сладострасниот живот на Подзнишев до женидбата наликува на Толстоевиот (кој на почетокот на брачниот живот ѝ го дава својот дневник да го прочита за да се „запознае“ со неговите младешки развратности), во бракот на писателот недоразбирањата не пречеле Софија да забремени единаесет пати (кога им се раѓа последното дете, Иван, Лев има 60 години!), како и сопругата на Подзнишев, која по пет раѓања решила да се заштити од понатамошна бременост, што кај гневниот сопруг предизвикува осуда! Во целата таа ситуација, по забраната на цензорите за печатење на книгата, токму личната молба на Софија Андреевна до царот Александар Трети овозможила да се симне забраната. И покрај постојаните раѓања и грижата во одгледувањето на децата, верноста на Софија кон сопругот е запрепастувачка: таа на рака ги препишувала ракописите на „Војна и мир“ (дури осум пати), „Ана Каренина“ и „Воскрсение“, притоа поправајќи ги не само граматичките грешки.
Толстој уште многу порано имал комплициран и осудувачки однос кон жената, чии траги, на пример, можат да се забележат во записите во дневникот за женската претерана сензуалност и лекомисленост, и тоа додека во 1855-та престојувал кај Тургењев во Петербург и ги минувал ноќите распусно и „лекомислено“. Може да се најдат сличности во третманот на женското неверство меѓу „Ана Каренина“ и „Кројцеровата соната“: сопругата што го изневерува мажот е казнета поради тоа најсурово – со одземање на нејзиниот живот. Студената немилосрдност на Каренин и насилната, жестока љубомора на Позднишев, мајсторски опишани од големиот писател, создаваат кај читателот нескриена одбивност. Но и заведувачите, офицерот Вронски и виолинистот Трухачевски се прикажани толстоевски проникливо и непристрасно како привлечни, но мошне празноглави мажи, кои уживаат во наклонетоста на средината и женскиот пол. Притоа, на Вронски како еден од главните ликови во подолгиот, посложен роман, авторот му пристапува детално и слоевито, да го дообликува ликот на овој згоден офицерски мажјак, поради кој Ана мора да се отсели од саканото дете, да го изгуби угледот кај лицемерното петроградско друштво и на крајот да се самоубие. За разлика од Вронски, Трухачевски е даден само во неколку сцени, и тоа интерпретирани од страна на љубоморниот Позднишев.
(продолжува)