Антиупатства за лична употреба

Односот меѓу двајцата писатели варира, сѐ до смртта на Иван Сергеевич, меѓу топло – ладно: кога се заедно, не им треба долго да влезат во несогласувања, дури и во остри кавги, но кога ќе се разделат, имаат потреба (и надеж) пак да се видат и да го вратат воспоставеното пријателство. По петроградските несогласности, Тургењев му пишува од странство: „Вие сте единствениот човек со кого имам недоразбирања, имено така се случи зашто не сакав да се ограничам кон Вас само со проста дружељубна врска – сакав да отидам подалеку и подлабоко; но го направив тоа невнимателно, Ве повредив, Ве растревожив и кога ја сфатив својата грешка, отстапив можеби тврдо и избрзано, затоа всушност се образува таа ’пукнатинка‘ меѓу нас“. Не малку чуден е извинувачкиот, речиси потчинет тон, со кој докажаниот, книжевно етаблиран автор му се обраќа на својот тогаш прилично помлад колега. Но исто така, забележливо е дека Лав Николаевич Толстој многу брзо, својот, меѓу постарите писатели и критичари, фален талент, го искачи на пиедесталот на несомнен првенец во книжевен Пантеон, што исто така е карактеристично за приемот на младиот трибун во својата книжевна и културна средина.

И веќе во февруари 1857-та, Толстој пак е на гости кај Тургењев, овој пат во Париз. Секојдневно се дружат, разговараат, посетуваат музеи, театри, опера… заедно патуваат во Дижон. Толстој има намера да го продолжи престојот, кога еден настан, на 6 април, не само што му ги менува плановите туку и ќе му остави длабока лузна во животот. Имено, на тој ден, присуствува на јавна егзекуција со гилотина. Згрозен, ќе му каже на Тургењев дека се сонувал себеси како го гилотинираат. Брзо ја напушта Франција. Ќе запише во дневникот: „Наминав кај Тургењев. Двапати, кога се простував, заминувајќи, заплакав за нешто. Многу го сакам. Тој направи и прави од мене друг човек“.

Инаку, двете подолги посети на Париз, првата кај Тургењев во 1857, втората 1861-та, оставаат кај него долготрајни духовни преобмислувања. Траумата од сцената на јавното гилотинирање предизвикува кај бившиот бестрашен учесник во Кримската војна силен отпор кон насилството, четири години подоцна, по средбата со Виктор Иго (видливо е влијанието на сцените од битките во „Клетници“ во „Војна и мир“), тој го посетува „таткото на анархизмот“, Пиер Жозеф Прудон. Толстој од книгата „La Guerre et la Paix“ на Прудон го позајмува насловот за своето ремек-дело, но многу позначајно е што учењето за мирната социјална револуција на францускиот филозоф и економист ќе одигра голема улога во подоцнежното обликување на Толстоевата мисла за неопходност на реформи во општествениот и морален живот на царска и сѐ уште кметска Русија.

Треба да се каже дека влијанието на Прудон врз Толстој не е издвоена појава меѓу руските интелектуалци од тоа време – ненасилниот, духовен анархизам станува поттикнувач на социјалните и морални ставови на Херцен, Бакуњин, Кропоткин… Но во случајот на рускиот горостас особено е значајно како развојот на тоа морално вјерују навлегува и се одразува во неговото книжевно творештво.

(продолжува)