Кон романот „Ако се родат некакви чувства“ од Блаже Миневски, „Матица македонска“, 2023

Рецензија

Освен како автор на извонредни фељтони, наградувани романи и раскази, Блаже Миневски напиша и неколку пиеси, кои со успех се изведувани на македонските сцени. Темелните познавања на законите на драматургијата Миневски на оригинален начин ги ползува и во својот најнов роман „Ако се родат некакви чувства“, подзаглавен како зборник за љубовта на Гоце и Јанка. Читателите на чудниот роман за фељтонот или чудесниот фељтон за романот, уште на првите страници ќе ја почувствуваат комплексната архитектоника на една книжевна творба, која како река понорница протекува час низ светлините на божествената природа, час длабоко понира во подземјето, со многу едноставна цел, да ни покаже и докаже дека прочуената Гоцева изрека за светот и за културниот натпревар меѓу народите одамна е погазена и уништена, а дека сѐ поприсутна е онаа што тврди „дека не постои друг народ кој толку пострадал од сопствени изроди“. Овде почнува вистината, вели нараторот. Пред неа е она што не постои, зад неа е она што ќе се измисли. Го пишувам тоа со надеж дека ќе го остават човекот на мира.
Романот осветлува потресни библиски мизансцени во кои моштите на големиот апостол Гоце Делчев, придружувани од бесконечни поворки страдалници, тргнуваат од Софија и, преку навредените предели на распарчената македонска земја, пристигнуваат во нејзиниот слободен и независен дел. Уште попотресни и поапокалиптични се финалните сцени, во кои неговиот паметник сосе саркофагот, изврзан со дебели сајли и натоварен врз правлив камион со спуштени капаци, безглаво јури кон бескрајот на темнината. Имено, како што стои во романот, „откако неговите мошти беа вратени во татковината, сега некој бара да се отвори саркофагот за да се види дали има потпис на авторот. Мора да се знае кој го изделкал, велат. Освен тоа, отворањето ќе помогне да се расчисти уште една мистерија – дали во него е целиот, сите негови коски или сепак некои недостигаат“.
Романот „Ако се родат некакви чувства“ е роман за иронијата, за сарказмот, за чувственоста и бесчувственоста, тој е во исто време фељтон или сценарио за иден филм; роман за документарното, фиктивното, болното, оригиналното и фалсификуваното. Прашањето со кое читателот ја затвора последната страница на книгата е зошто Гоце татковината што ја милува и несудената мајка на неговите неродени деца, во кои е смртно вљубен, му ги доверува на својот најдобар другар. Станува збор за Михаил Герџиков, бугарски револуционер и анархист, кој пет години по смртта на Гоце ќе се ожени со неговата свршеница Јанка. Аманетот на Гоце е „ако се родат некакви чувства – бидете благословени“. Да не би да не се уплаши Гоце од помислата дека може да биде убиен, па едната и другата негова љубов, татковината и мајковината, да бидат испоганети од плипот никаквеци кај кои не се родило никакво чувство никогаш. Главен херој на романот во процес на пишување е самиот наратор, во чија креативна работилница сѐ се одвива пред очите на читателот. Другите ролји со огромен успех ги исполнуваат „видливата хигиеничарка Бадема“, која е задолжена просторот да го преуреди во чистилиште, „невидливата Фила“, која романот го прислушува од надворешната страна на ѕидовите, потоа правнуката на Јанка, психијатриската терапевтка Мамаја, односно Маја, со која нараторот општи електронски и заедно градат „платформа за психолошки активизам“ (анализа на чувства, стрес, анксиозност, биполарно растројство, шизофренија), главниот уредник на дневниот печат, кој треба да го издаде фељтонот и кој одредува колку вистина ѝ е потребна на вистината и колку фикција е дозволено да ѝ се приопшти на јавноста, за новите главатари на власта да не венеат во сенката на избрканите од свечената песна.
Романот на Блаже Миневски „Ако се родат некакви чувства“ е исклучително книжевно дело родено во име на љубовта: Гоцевата, Јанкината, но и Џојсовата, Толстоевата, Пушкиновата, Лермонтовата, Балзаковата, Гетеовата, Мајаковсковата, Томасмановата, Есениновата, Гарибалдовата…, чии сенки сноват низ лавиринтите на големиот мајстор на зборот Блаже Миневски.

Бранко Ставрев

(Авторот е режисер, драматург и есеист)