Кон „Времето пред приказната“ на Митко Маџунков (Издавачки центар „Три“, Скопје, 2022)
Рецензија
Претставува редок, исклучителен настан, вистински датум појавувањето на едно дело во која и да е литература, вклучувајќи и во оние со најдолга и најбогата традиција, кога тоа, од двајца докажани мајстори на прозата, ќе биде поздравено без задршка, безрезервно, со восклик во препораките на задната корица, па едниот ќе се израдува на фактот дека „Времето пред приказната“ е ремек-дело на светската книжевност“ (Венко Андоновски), а другиот овој роман ќе го вброи во редот на најзначајните, врвни остварувања во сите литератури во претходните периоди, па ќе наброи: „Пронајденото време“, „Бувар и Пекише“, „Јосиф и неговите браќа“, „Мајсторот и Маргарита“ (Блаже Миневски), а тоа секако значи дека академик Митко Маџунков е во најизбраното семејство врховници – Марсел Пруст, Гистав Флобер, Томас Ман, Булгаков… Станува јасно дека се работи за вистински празник во литературата на кој укажуваат нашите истакнати романсиери што ја имале привилегијата да бидат први читатели, свидетели на несекојдневен подем и на крупен чекор со кој македонската литература излегува на испакнато место на светската книжевна сцена. Ја имав честа да бидам меѓу малкутемина што имаа можност ова ремек-дело да го прочитаат во ракопис и да упатам неколку реченици споделена радост со читателите, па напишав: „Чиста уметност, дело неподатливо на инаквост, и интервенција, дело на редок, единствен книжевен Мајстор на чии дела, страници, дури и одделни редови, се препознава наумот за врховност“. Овој исказ е само дел од подолгото писмо во кое на Маџунков му го изразив својот восхит од сложеноста и од длабината на секој креативен потег со кој ја остварува високопоставената стратегиска цел. Имено, дека секоја реченица е полна со алузивна повеќезначност, дека претставува велик заграб од историјата, од историјата на литературата и на другите уметности, од митологијата… со еден збор, преполни со семазии, со отвори и со влезови кон неочекувани слики и настани. Што може култивираниот читател да посака повеќе од дело во кое има сè, и од животот и од уметноста. Тотал. Привлечни се сами по себе сликите, визиите, разговорите, коментарите, особено нивната згуснатост, наместа само навестена симболично, како во сон. Потоа трансформациите на времето и просторот, искричавите допири помеѓу актуелната драматична, трагична стварност и напливот на цели блокови од минатото, преплетеноста меѓу податокот, преданијата и митовите со нивниот одблесок во големите книжевни дела од најразлични култури и епохи. Со целосна контрола на градењето и распоредот на најразновидниот материјал се воведуваат, се распоредуваат и се организираат епските релјефи на единствениот тек на приказната. Навидум оддалечените тематски линии се доближуваат, се соединуваат и сочинуваат неразврзливо единство. Овој извишен роман во современата македонска литература воведува нови, строги мерила што ја претпоставуваат целосната упатеност на авторот во севкупната книжевна и културна светска сцена, но истовремено дава увид во најзначајните нијанси што оставиле траен печат во меморијата на култивираните читатели.
Така, на пример, оној читател што не е во состојба да располага со информации за специфичностите на големите книжевни остварувања што се меѓници во развојот на уметноста на литературата, па дури и за ставовите и позициите на големите книжевни творци во однос на суштински прашања од областа на литературата, но и од севкупната човекова мисла и активност, вклучувајќи ги и искрите од биографиите меѓу класиците, ќе остане ускратен за книжевните наслади што избиваат од потсетувањата, попатните коментари на авторот или на ликовите, на алузиите во одреден исказ, кој како случајно да е упаднат во разговорот. На 384-та страница се наидува на информација: „Вијон, роден во Париз, предградие на Понтоаз“, па читателот во чија меморија не се наоѓа податокот за славниот катрен што францускиот поет го составил додека очекувал да биде обесен, стихови толку многу познати што нивниот преведувач на српски јазик известува дека направил илјада варијации, тој читател ќе остане во недоумица околу зрачењето на тој податок во атмосферата на романот. Таков е случајот и со реченицата: „Да не се угледа на оној расказ на Виктор Иго што го коментира Достоевски“, како и со разговорот меѓу Толстој и Достоевски во кој се алудира на анимозитетот на првиот спрема вториот, па алузијата на одделот во „Гаргантуа и Пантагруел“ кога Пантагруел доаѓа на островот ѕвоно каде што гробните тажачи Ситницинци се претвораат во птици, како и во нашиот раскошен роман, но алузијата се протега дополнително, наназад низ времето и митското наследство, бидејќи временскиот замав нè пренесува во претходните преобразби кога „Никтимена, Прокне, Итис, Алкмена, Антигона, Тереј и други се преобразиле во птици“ (Рабле), а секако дека Маџунков тука смета и на нашата врвна домашна лектира во која Сиве и Чуле се преобразуваат во врапчиња, а Силјан во штрк. Тука е се разбира и зрачењето на Џојс, на Ирвинг (Рип Ван Винкл заспива на лов, неговиот сон трае цели дваесет години и кога се враќа дома никој во селото не го препознава, како што овде на Б. Леви „Му беше чудно што никој не го препознава“, бидејќи временски бранови го фрлаат од една на друга временска кота), а особено зрачењето на Хомер, Сервантес и на Шекспир.
Се покажува дека Маџунков подига висока кула на ридот на нашата современа литература, книжевен маркант што се темели врз длабоките културни наследства и тргнува од најизвишените резултати на неспорните мајстори од сите епохи. Тоа е книга во која се во дејство сите емотивни, рефлексивни книжевни „чуда“, па времето и просторот се во непрекината динамика и трансформација, следејќи ја својата метафизичка природа, и затоа создаваат целосна неприспособеност, збунетост и дезориентација кај поединци, групи и народи, произведувајќи турбуленции во социјалната, идеолошката и политичката сфера, грубо декомпонирајќи ги и личните и колективните градби на кои им удира печат на привременост. Во таа исконска виуличава рамка Маџунков ја поставува и преку висока уметност ја коментира и нашата позиција, но и дава непоместлива естетска интонација, како што нагласивме, водејќи сметка за секој детаљ што треба да биде патоказ за читателот дека се наоѓа во милоста на највисоката книжевна уметност во која „од безмерните височини капе благослов како густа смола“. Сосема се порозни тука границите помеѓу реалноста, сонот, биографијата, лектирата и опусот на авторот. Затоа е на дело целосна осмоза, па личности стануваат ликови, стапуваат во деликатен и сложен сообраќај со други личности и ликови, еднаш (едни од нив) ги носат своите вистински, другпат добиваат книжевни имиња, мигрираат од реалноста во делото, но и од еден во друг роман, („На Кирил му стана јасно дека се нашол во средиштето на своите дела…“, стр. 624), и на тој начин севкупниот книжевен опус на Маџунков станува книжевно соѕвездие, вистинска епска галаксија. Ете затоа, драг читателу, да, да, книгата на Маџунков е дело океан, „роман ремек-дело на светската книжевност!“
Санде Стојчевски