Седумнаесеттото издание на АКТО – фестивал за современи уметности, ќе се одвива во наредните три месеци, под тематиката „Современи (не)демократии: грижата и заедничките простори“, со повеќе настани во Скопје. Фестивалот е отворен со перформативната интервенција „Акто акција: да се пишува за градот“. Станува збор за перформативна интервенција како резултат од работата на тридневната работилница предводена од Филип Јовановски (Скопје), Миодраг Куч (Берлин) и Борис Бакал (Загреб) во рамките на проектот-работилница „Траги на скопскиот брутализам“.
– По овој настан ќе следуваат уште неколку настани во октомври и ноември, интернационална изложба и симпозиум „На чија страна си? За неврзаната деколонијална констелација“, курирана од Ивана Васева и Бојана Пишкур, во соработка со Модерната галерија и музејот на современа уметност „Метелкова“, Љубљана, перформансот „Изгубени модернистички утопии“ на Филип Јовановски во соработка со ЗК-У-Берлин, Фрлачи на сенки – Загреб, Архитектонски факултет – Скопје, промоција на публикацијата „АКТО зборува 2006-2020“ со интернационални гости, програма од перформанси и друго, што дополнително ќе биде објавено – информираат Филип Јовановски, уметнички директор, и Ивана Васева, кураторка на фестивалот.
Фестивалот за современи уметности АКТО е еден од ретките вонинституционални фестивали во земјава со долг континуитет на одржување. Идејата е да прерасне од активна сцена на презентација во фестивалска платформа за продукција и едукација во областа на современата уметност преку уметнички истражувачки практики.