Еден од најдобрите македонски пијанисти ќе ја заокружи концертната година со неколку креативни проекти на домашната и меѓународната сцена

Пијанистот Дино Имери со концерт
на Кралскиот колеџ за музика во Лондон

Македонскиот пијанист Дино Имери, кого не случајно критиката го нарекува волшебник на пијаното, до крајот на годинава го очекуваат неколку значајни настани, кои ќе придонесат за збогатување не само на неговата лична биографија и пијанистичка кариера туку и на културното милје во земјава. Имери ќе реализира концерти на домашната и на меѓународната сцена, самостојни, но и во рамките на фестивали и проекти, кои ќе остават силен белег на музичкото небо и надвор од земјава, поради шареноликата програма, поради несомнениот квалитет на неговото музицирање, но и поради поводите за кои тие се наменети.
Првиот настап на еден од најдобрите македонски пијанисти, Дино Имери, се случи на 16 октомври, кога заедно со извонредниот тенор Михаило Арсенски концертираше на свеченото отворање на фестивалот „Златна лира“, кој е во организација на Сојузот на музички уметници на Македонија. Оваа вечер ја красеа изведби на мошне импресивни дела од различни музички епохи, од композитори како Клод Дебиси или Рихард Штраус, и секако дела од македонските композитори, оние што ги поставија темелите на македонското композиторско творештво – Тодор Скаловски, Трајко Прокопиев и Томислав Зографски.
Мошне значаен меѓународен проект ќе се случи на 25 октомври. По повод јубилејот 30 години билатерални односи меѓу Македонија и Велика Британија, Имери ќе одржи концерт во Лондон, на Кралскиот колеџ за музика, каде што ќе настапи како солист на пијано, но и заедно со хрватскиот повеќепати наградуван пијанист Ведран Јањанин, со изведба на дела од македонски автори, како и дела од Густав Холст, Сергеј Рахманинов и Витолд Лутославски. Настанот е поддржан од македонското министерство за култура, а го организира Амбасадата на Македонија во Лондон.
На 19 ноември, Имери заминува во Загреб, Хрватска, каде што ќе одржи солистички рецитал во прекрасното здание на Државниот архив. Она што особено интригира во врска со овој настан е тоа што македонскиот пијанист ќе свири на историскиот инструмент „плејел“ од 1924 година, кој бил во сопственост на Светислав Станчич – таткото на хрватската пијанистичка педагогија. Концертот е дел од циклусот „Плејелот на Светислав Станчич“, а Имери ќе изведе дела од Де Фаља, Момпу, Равел, Бизе-Хоровиц. Организатор на настанот е уметничката организација „Кристофориум“, во соработка со Културно-информативниот центар на Македонија во Загреб.
На 4 декември, пак, Имери се враќа во Скопје, каде што во камерната сала на Филхармонијата, заедно со македонската истакната диригентка Дијана Имери Илкоска, ќе го реализира долгоочекуваниот проект „Музика и поезија – вечер со музиката на Шопен“. Всушност станува збор за концерт на ИД Камерниот оркестар, предводен од маестра Имери Илкоска, на кој како солист на пијано настапува Дино Имери. Оваа атрактивна и комплексна програма ќе биде заокружена во звучно-поетска обланда преку изведба на Концертот за пијано и оркестар бр. 2 и други дела на славниот романтичар Фредерик Шопен. Настанот е поддржан од македонското министерство за култура, како и од Амбасадата на Полска во Македонија.