Што ќе гледаме на 44. „Манаки“
Селекторите на интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ ја објавија програмата за годинашното 44. издание, кое ќе се одржи од 23 до 29 септември. Селекторот на програмата „Камера 300“ за долгометражни играни филмови, Слаѓан Пенев, ја најави исклучително богатата и атрактивна селекција.
Покрај претходно објавените македонски филмови на отворање и затворање на фестивалот, „Домаќинство за почетници“ и „Лена и Владимир“, од филмовите што ги најави Пенев може да се спомене пролетерската трагикомедија на Аки Каурисмаки, „Паднатите лисја“ во тандем со неговиот редовен кинематограферски соработник Тимо Салминен, кој ќе биде гостин на фестивалот. На фестивалот ќе биде прикажано и мистичното трагање по недофатливото во фотографијата и музиката на Вим Вендерс, „Совршени денови“, во соработка со директорот на фотографијата Франц Лустиг, кој исто така ќе биде присутен во Битола.
Меѓу поинтересните наслови е едитативната чеховско-ромеровска драма нa Нури Билге Чејлан, „За сувите треви“, во прва соработка со двајца кинематографери, Џеваир Сахин и Курсат Уресин, кои во тандем ќе се појават и на проекцијата во Битола, како и хичкоковскиот трилер „Анатомија на едно паѓање“, кој ја доби „златната палма“ на последниот Кански фестивал, дело на режисерката Жустин Трие и кинематограферот Симон Буфил. На програмата е и богатата симфонија на ѕвезди и стил на Вес Андерсон, „Астероид сити“, со најчестиот негов соработник, искусниот кинематографер Роберт Д. Јеоман.
Селекторите на програмите за кратка, документарна и студентска програма, Марија Апчевска, Кумјана Николова и Ѓорѓи Пулевски, ги објавија селекциите во своите програми, каде што исто така има атрактивни наслови. Еден од нив е документарниот филм „Човек во црно“ на Ванг Бинг, чија кинематограферка Каролин Шампетие, позната по соработките со Лео Каракс, исто така ќе биде гостинка на фестивалот.
Директорот на ИФФК „Браќа Манаки“, Симеон Мони Дамевски, минатата недела го објави добитникот на специјална „златна камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност на 44. фестивалско издание. Кинематограферот, чиј ракопис стои зад долгогодишната тандемска соработка со Џо Рајт („Покајание“, „Ана Каренина“, „Сирано“), зад „Ноќни животни“ (режија Том Форд), „Треба да разговараме за Кевин“ (Лин Ремзи), „Светски трговски центар“ (Оливер Стоун), „Часови“ (Стивен Долдри), „Висока верност“ (Стивен Фрирс), „Бакнежот на пеперутката“ (Мајкл Винтерботом), како и зад епизодата „Скок на глава“ од серијата „Црно огледало“, за која освои награда „еми“ и номинација БАФТА за најдобра фотографија (кинематографија), оваа година во Битола ќе стане дел од големото филмско семејство на фестивалот како добитник на специјална „златна камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност.
Мекгарви двапати е номиниран за „оскар“ за најдобра фотографија (кинематографија) – за „Покајание“ (2007) и за „Ана Каренина“ (2012). Двапати ја добил наградата на Британското друштво на кинематографери за „Ана Каренина“ и за „Ноќни животни“ (режија Том Форд) и четири пати е номиниран за наградата БАФТА. Во 2004 година е награден со „Лимиер медал“ за придонес во уметноста на кинематографијата, кој го доделува британското Кралско фотографско друштво. В.Д.