Кон двојазичниот избор од поезијата на Ацо Шопов во САД

Македонскиот поет Ацо Шопов е несомнено култно име во македонската поетска традиција бидејќи по Втората светска војна заедно со Блаже Конески, Славко Јаневски и уште неколкумина други видни книжевни дејци го означи почетокот на еден нов поетски израз и модус, кој иако полифоничен по својата природа, сепак се смета за почеток на македонската „модерна“. Неговото дело е суштински вградено во едно поетско движење, кое со својата појава конечно ја одвои поезијата од стегите на народната орална традиција, како и од краткотрајниот соцреалистички манир и на тој начин ја насочи кревката авторска поетска традиција на новокодираниот македонски јазик кон широките простори на модерното европско пеење, веќе воспоставено како силен и доминантен глас во децениите меѓу двете светски војни.
На тој начин Шопов, заедно со најеминентните претставници од својата поетска генерација, со крупни чекори ја принесе македонската современа поезија кон европските сѐ уште актуелни модернистички текови и го отвори патот кон слободниот развиток на поетската реч за следните генерации што е евидентно во брзиот подем на поетската уметност кај нас во втората половина на дваесеттиот и првата половина од дваесет и првиот век.
Критичката мисла кај нас и на просторите од поранешна Југославија се има веќе во голема мера искажано за ваквото плодотворно влијание на поезијата на Ацо Шопов и ги има подвлечено речиси сите нејзини најважни вредносни параметри што резултирало таа да се приближи до поширок читателски простор низ значајни преводи и критички осврти.
Направени се и повеќе обиди (со помал или со поголем успех) низ преводи на некои од светските јазици како францускиот, шпанскиот, англискиот и слично таа да им се принесе и на читатели од други несловенски култури и традиции.

Како и да е, по повод 100-годишнината од раѓањето на Ацо Шопов сега пред нас имаме едно сериозно двојазично издание со избор од неговата поезија на македонски и на англиски јазик насловено „The Long Coming of the Fire“ („Долго доаѓање на огнот“), а издадено од американскиот издавач „Дип велум прес“ од Далас, Тексас. Уште една извонредна дополнителна афирмација на македонскиот јазик и на неговото писмо во англофонскиот свет.
Изборот на песните е направен од ќерката на поетот, Јасмина Шопова, извонреден познавач и толкувач на неговото дело, а под преводот се потпишани двајца познати слависти – Кристина Крамер и Роли Грaу. Кристина Крамер ѝ е позната на нашата јавност пред сѐ како лингвист-македонист, но и како преведувач на прозни дела од Луан Старова, Лидија Димковска и Гоце Смилевски на англиски јазик, а Роли Грау е пред сѐ преведувач на поезија и проза од руски и словенечки јазик.
Ако на Крамер ова ѝ е прв поетски превод, тогаш на Грау ова му е прв превод на македонски поет. Како и да е, нивниот заеднички труд прикажан во ова издание заслужува сериозна и должна почит, како од читателите на поезијата на Ацо Шопов на англиски јазик така и од секој сериозен преведувач (препејувач) на поезија од мајчин на немајчин јазик или обратно.
Изборот на поезијата во ова издание не се држи буквално до хронолошкиот пристап, туку пред сѐ до вредносниот пристап. Таа го базира својот избор врз антологискиот избор на самиот поет насловен „Лузна“ и објавен во 1981 година, една година пред неговата смрт. Следствено, стожерните делови во изборот на Шопова се насловени според клучните збирки „Небиднина“ (во кој како циклуси фигурираат изборите „Молитви на моето тело“, „Песни и години“) и „Гледач во пепелта“ (со циклусите „Долго доаѓање на огнот“, „Гледач во пепелта“, „Црни коњаници, бели коњици“ и „Црно сонце“). Другите два дела што идат по нив се едноставно насловени „Рани песни“ (со избор од збирките објавени во раната фаза: „Со наши раце“, „Слеј се со тишината“ и „Ветрот носи убаво време“) и „Подоцнежни песни“ (во нив како циклуси се вклучени избори од збирките објавени во последната фаза од развојот на Шопов како поет: „Песна за црната жена“ и „Дрво на ридот“).

На изборот песни му претходат Белешка од приредувачот на изборот и опсежен Предговор на преведувачите. Обата текста нудат интересни информации од најразличен карактер: за личниот однос кон творештвото на Шопов, од приредувачот на изборот, и темелно претставување на развојниот пат на Шопов како поет, како и за подготовката и усвојувањето на преведувачката стратегија во процесот пред и за време на работата врз преводот. Притоа преведувачите укажуваат на тешкотиите на кои наишле и со право нѐ упатуваат на неопходноста за сериозни „длабински“ подготовки пред почетокот на самиот преведувачки процес.
Имено, од нивните согледби заклучуваме дека квалитетот на преводот/препевот не зависи само од познавањето на јазикот од кој се преведува, туку и на јазикот на кој се преведува; познавањето на јазикот од кој се преведува не треба да е само на лексичко ниво, туку и на идиоматско и синтаксичко ниво; способноста на преведувачот е далеку поголема доколку тој е истовремено и компетентен толкувач на делото што го преведува, како и тоа дека можеби најтешка задача на преведувачот е да умее да преведува стил и култура.
Свесни за овие тешкотии, тие му нудат на читателот извесен број примери низ кои тој самиот ќе може да ја увиди честата двосмисленост што ја нуди навидум едноставниот, а максимално кондензиран стил на Шопов и начините на кои тие се обиделе да ги разрешат лингво-стилистичките и синтаксичките енигми во неговата поезија (на пр. поимите „небиднина“, „грозомор“ итн., двосмисленоста во сфаќањето на поимот „песна“ во македонскиот јазик, несоодветноста на предлозите во јазиците и проблемот на нивно преведување одделно и/или во идиоматските склопови и сл.).

Тие исто така укажуваат и на извонредниот фоничен квалитет на поезијата на Ацо Шопов и притоа го подвлекуваат нивниот свесен избор на избегнување на строгите римувани шеми во извесен број песни и нивна замена со поголема звучност на самиот стих како целина сметајќи притоа дека безусловното следење на истите тие само би нанело штета врз прецизноста, т.е. врз семиотичката поливалентност на изразот.
Сѐ на сѐ, може слободно да се рече дека овој избор од поезијата на Ацо Шопов во превод на англиски јазик наменет за широкиот англофонски простор во глобална смисла на зборот импонира со својата целовитост, висока стручност и компетентност, како при изборот на корпусот песни во него така и при работата врз неговиот превод што, секако, како издание во целост ги задоволува високите стандарди на ваквиот тип издаваштво во западниот свет.


Ацо Шопов на англиски, арапски и на полски јазик

Три книги објавени во странство ќе бидат промовирани на 24 август, на отворањето на годинашните „Струшки вечери на поезијата“, во чест на нивниот иницијатор и прв претседател на советот на фестивалот, Ацо Шопов. Книгите веќе беа претставени на меѓународната сцена, во УНЕСКО, на 21 март, Светски ден на поезијата, кој беше одбележан под знакот на јубилејот 100 години од раѓањето на македонскиот поет. Промоцијата во Струга ќе се одржи во несекојдневен амбиент: изложба на фотографии што преку објективот на Душан Ѓоргон го проследува учеството на нашиот поет на оваа манифестација и укажува на важната улога во градењето мостови помеѓу македонската и светската поезија што Шопов ја очекувал од неа.
– „Струшките вечери на поезијата“ не се значајни само со тоа што ја внесуваат македонската поезија и литература во современите литературни текови, што ја соочуваат со нив и придонесуваат сѐ повеќе да станува нивен жив и оригинален дел. Не помало значење на фестивалот е и во тоа што е тој нејзина реална шанса да биде постојано во допир со европската и другите литератури, во допир со најновите достигања, да ги следи и давајќи го својот дел да се оплодува и збогатува од нив – изјави Шопов во поздравниот говор, во далечната 1969 година.
Во тој дух на соочување, допир и меѓусебно збогатување е замислена и промоцијата на неговите три обемни книги: двојазичните избори на македонски и на англиски (Дип велум, Далас, САД, 284 стр.) и на македонски и на полски (Университас, Краков, Полска, 252 стр.), како и изборот од неговата поезија на арапски (Куќа на поезијата, Керуан, Тунис, 172 стр.). Препевите им ги должиме на Роли Грау и Кристина Е., Крамер (англиски), Маќеј Кавка (полски) и Џамила Мажри (арапски).