Фото: ЕПА

Американката ги декласира Јамајчанките на најкратката патека со рекорд на шампионатите. Во фрлање диск Швеѓанецот Стол во возбудлива завршница го освои второто злато, пред Словенецот Чех. Холовеј беше доминантен на 110 метри со пречки, а Занго во трискок ги остави зад себе Кубанците

АТЛЕТИКА – СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО БУДИМПЕШТА

Иако во третиот ден од Светскиот атлетски шампионат во Будимпешта имаше само четири финални дисциплини, беше возбудливо и пријатно за гледање. Особено адреналинот меѓу гледачите го крена трката на 100 метри за жени. Конкуренцијата, како и секогаш, беше силна, а победничката некако традиционално се очекува да биде или Американка или Јамајчанка. Овој пат, благодарение на Шеј Кери-Ричардсон, златниот медал деветти пат во историјата на светските првенства (СП) отпатува за САД.
Стручњаците прогнозираат дека за оваа 23-годишна девојка може да биде наследничка на недостижната Грифит Џојнер. Ричардсон во финалната трка како виор прелета по патеката и зад себе ги остави спринтерките од Јамајка. Нејзиниот резултат од 10,65 секунди е и нов рекорд на СП. На брзоногата Американка во финалната трка не можеа да ѝ се спротивстават ниту 36-годишната Шели Ен Фрејзер Прајс, која има пет злата на СП, ниту нејзината сонародничка Шерика Џексон. Трката беше многу интересна. Се доби впечаток дека Џексон поведе, но колку што одминуваше трката, Ричардсон се ближеше кон челната позиција, а најискусната меѓу нив, Фрејзер Прајс, беше очигледно оти во финишот не ќе може да им парира. Американката со убава предност прва помина низ целта, Џексон беше втора со 10,72 секунди, а Фрјзер Прајс трета со 10,77 секунди. По победата на Лајлс во машката трка, Американците навистина може да бидат задоволни, „стотката“ во двете конкуренции повторно е нивна.

СМЕНА НА ВОДСТВОТО ВО ПОСЛЕДНАТА СЕРИЈА

Голема борба се водеше во фрлање диск во машка конкуренција. Сите очекуваа жесток дуел помеѓу Швеѓанецот Даниел Стол и Словенецот Кристијан Чех, кои во меѓусебниот дуел требаше да одлучат кој ќе стигне до второто светско злато, зашто по едно веќе имаат. Во текот на натпреварот се наттркуваа. Словенецот во последната серија со резултат 70,02 метри изби на првото место и беше единствен што ја префрли границата од 70 м. Стол, кој фрлаше веднаш по него, собра сили и го фрли дискот на далечина од 71,46 метри и вторпат стигна до златниот медал. Чех, кој е млад, има 24 години, а физички е многу силен, висок е 206 сантиметри, ќе ја чека новата шанса. Веројатно уште неколку сезони ќе се одушевуваме на нивните дуели, кои носат голема неизвесност и возбуда. Третото место го освои Литванецот Миколас Алекна, син на прославениот ас Виргилиус, кој двапати беше светски првак и двапати олимписки победник. Кој вели дека крушата не паѓа под круша?

ХОЛОВЕЈ СУПЕРИОРЕН

Во трката на 110 метри со пречки, Грант Холовеј како да го најави во истата вечер двојното славје на Американците, зашто десетина минути подоцна почнуваше финалето на 100 метри за жени во кое триумфира Ричардсон. Холовеј, кој и пред трката се сметаше за фаворит број еден, не дозволи некој да го изненади. Најголем ривал според претходните постигнувања му беше Хансли Парчмент, но Јамајчанецот немаше сили во ова финале да му парира на Американецот. Холовеј од технички аспект најлесно ги прескокнуваше пречките и тоа, нормално со неговата брзина, придонесе тој со убава предност прв да помине низ целта. Тој беше единствениот што имаше резултат побрз од 13 секунди, 12,96. Парчмет втор помина низ целта со 13,07 секунди, а вториот Американец, Дениел Робертс беше трет со 13,09 секунди.
Некако во сенка се одржа и финалето во трискок, дисциплина во која денешниве натпреварувачи ни оддалеку не може да се доближат до легендарниот Британец Џонатан Едвардс, кој уште од СП 1995 го држи светскиот рекорд со 18,29 метри. Можеби и затоа што не гледаат оти некој може да го урне од пиедесталот Британецот, натпреварите во трискок не предизвикуваат поголемо внимание. Сепак, тоа не значи дека и тука не беше интересно. Напротив, се водеше голема борба, во која победник беше Фабрис Занго од Буркина Фасо, со резултат од 17,64 метри. За среброто се бореа двајца Кубанци, а Лазаро Мартинез со 17,41 метри само за еден сантиметар беше подобар од Кристијан Наполес.

Зоран Михајлов, специјално од Будимпешта, за „Нова Македонија“