„Персона“ е насловена тематската изложба на прилепскиот уметник Филип Цекоски, која ќе биде отворена вечерва, во 19.30 часот, во ликовната галерија на центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп. Ќе бидат изложени 11 фигуративни скулптури, меѓусебно поврзани со идеја да претстават психолошки состојби кај човекот.
– Делата ги прикажуваат внатрешните потреби, пориви, скриени или навидум заборавени желби, фантазии и незадоволства како сила што во заднина управува со нашата личност (персона), која ја креираме пред другите – потенцира Цакоски.
Филип Цакоски е дипломиран вајар на Факултетот за ликовни уметности – Скопје, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, во класата на Жарко Башески. Член е на ДЛУМ од 2020 г. Ја реализирал самостојната изложба „Oбвивки“ во домот за култура „Кочо Рацин“ во Скопје, во 2021 г. Ка.М.