Изложбата „Хоризонтала и вертикала“ на уметницата Билјана Билбилоска е отворена во галеријата „Студио-21“ во Сплит, Хрватска. На изложбата се изложени 20 графики создадени во текот на 2019-2020 година, инспирирани од средновековната византиска уметност, односно станува збор за спој меѓу византиската уметност и современите уметнички текови во сферата на графиката, заедно со современите алатки за ликовно изразување.
– Бидејќи се занимавам со иконопис, а паралелно и со графички дизајн, направив еден спој помеѓу тие две нешта. На прв поглед, дигиталните графики дејствуваат како икони, меѓутоа тие не се тоа, бидејќи иконата претставува посебен уметнички идиом. Воопшто не станува збор за световна уметност, туку едноставно ова е уметност што е инспирирана од византиските икони. Кога зборувам за „Хоризонтала и вертикала“, мислам на крстот како симбол на нашата православна вера – вели уметницата Билбилоска.
Ореолот во графиката на Билјана е центарот на универзумот.
– Композициите се движат околу оската на иконографската аура. Формите бараат светлина, некогаш се наоѓаат, некогаш се губат низ просторот на композицијата. Лицата се осветлени со Христовиот сјај и веќе не постојат за себе, туку за неа. Св. Иван Дамаскин рече дека иконата е нешто слично на она што е насликано на неа. Суштината е секогаш невидлива и уметникот само ја насетува златната прашина на вечноста – вели Никола Пијанманов, академски сликар.
Според него, овие дела комуницираат со минатите времиња и техниките на старите мајстори на сликарството и затоа се толку длабоки, но во исто време и толку едноставни, како прочистени од талогот на историјата.
– Стилизирањето на византиската естетика е доведено до совршенство на минималистички уметнички потег. Цртежот е остар и прецизен како напукнат кристал. Сепак, графиката е само навидум црно-бела, бојата е придушена и раскошна, суптилно скриена во енергијата на формата. Во основа, овие графики се како пауза помеѓу два уметнички света. Како лична исповед и молитва, интимен дневник што уметникот ни го подарува. Сликарство на внатрешниот храм. Затоа што нема ништо тајно што нема да стане јавно… Тие функционираат како модерни икони – дополнува Пијанманов.
Билјана Билбилоска (1980) дипломирала на Факултетот за ликовни уметности, на отсекот графика со графички дизајн. Досега имала шест самостојни изложби во Македонија, Србија, Хрватска.