ДВАЈЦАТА СИ СЕ СЀ

(од комисијата за маркетинг на другарството)
– Кај си бе, другар?! Од кога се немаме видено.
– Богами одамна.
– А баш те мислев. Што прави другар ми, баш ни беше добро кога се дружевме почесто. На ж’та и растурен ражнич кај „Наџак“…
-… на кафе-муабет во „Деус“…
– Како си? Што има ново кај тебе?
– Оди некако. Чекор напред, два назад… Ама… сакав нешто да те замолам…
– Кажи.
– Знаеш, ако можеш… незгодно ми е од тебе да барам… ако си во состојба… да ми позајмиш 50.000 денари…
– Нема проблем, другар. Дојди утре кај мене на работа, околу пладне, пред пауза, ќе ти ги дадам.
– Навистина? Срце си големо!… Ама… не можам веднаш да ти ги вратам… За година, можеби година и пол.
– Кога можеш, тогаш. Ако ти треба повеќе, кажи. За тебе, другар, секогаш сум тука.
Слоган: со месечна камата од само 4,64 отсто ЈАСТРЕБ БАНКА го штити и го развива другарството! Другарот не се троши! Другарот позајмува! Двајцата си се сѐ!

2.

– Кој е?
– Јас сум, Владо.
– А, дојде. Чекај да ти отклучам… уште сум во пижами… Здраво.
– Здраво. Изгледа си се успал.
– А бе, легнав доцна. Сепак го гледав „Сироти нешта“ со Ема Стоун.
– И, ти се допадна?
– Па добар е. Личи малку на обратен, женски „Бенџамин Батон“. Од бебешки ум кон возрасен. Ама таа е скроз откачена, стварно заслужи „оскар“.
– Па ти реков…
-… сакаш по едно кафе за добро утро?
– Може… Извини што ти пречам вака рано, ама морам да те видам, ти си ми најдобар другар, од тебе ништо не кријам.
– Кажи ми што те мачи, те слушам, додека го правам кафето.
– А бе, женскава со која сум. Знаеш, сум ти рекол, стварно ми одговара. Паметна е, згодна, знае да се шегува, секси… Ама понекогаш се однесува како Ема Стоун од филмот.
– Како?
– Па така, си има некои бубалки во главата. Ете, на пример, во станот, во спалната, на плафонот има закачен еден од оние старински, огромни вентилатори, што го пушта да се врти и бучи и сега, во април, кога не е топло. Зошто го пушти?, ја прашувам. Да не нѐ гледа додека водиме љубов. Кој, ја прашувам. Па тој, вели. Кој?
– Кој?
– И ми го кажа името. Твоето.
– Моето?
– Си сакал да ја смуваш. Си ѝ се пуштал и си ѝ предлагал да се опнете под вентилаторот.
– Каде?
– И мене прво ми беше смешно, а после си помислив од каде ти си можел да знаеш за вентилаторот. Освен ако не си бил во спалната. Сега сркни си од тоа твое кафе и кажи ми онака другарски, најискрено, што си барал во нејзината спална?
Слоган: другарите се тука кога е најпотребно. Да посоветуваат. Да дадат поддршка кога е потребно. Двајцата си се сѐ!
3.
– Знаеш што Перо, додека вака си сркаме кафе во баштичката на нашево кафуле и плакнеме очи на овие прекрасни девојки со куси фустанчиња, си велам што сѐ сме виделе во животот, сме пробале… сме се науживале, онака до даска. Животиште имавме, Перо!
– Да бе, Столе, ама животчето некако многу брзо ни помина.

Слоган: Животот е училиште. А вистинскиот другар седи со тебе во иста клупа, од 7 до 77 години! И подоцна! Двајцата си се сѐ!