Поетската книга на македонскиот автор и синеаст Константин Плевнеш, насловена „Францускиот сон, сонот на Франц Фанон“, во издание на издавачката куќа „Мерл Мокер“, посветена на едно од најголемите имиња на светската револуција на обесправените, ги доживува своите први критички одгласи. Според зборовите на Жан-Пол Сартр, Фанон е име што треба да биде познато на секој меридијан, а книгата на Плевнеш беше презентирана на повеќе манифестации на „Француската поетска пролет“ и предизвика големо внимание кај француските читатели и критиката.
На централната страница на веб-ревијата „Светско поетско движење“ се објавени два критички прикази што го лоцираат поетскиот свет на Плевнеш во модерните текови на светската девиза „дека поезијата може да го спаси светот“. Во првиот текст, францускиот поет Франсис Комб ја детерминира поетската одисеја на Плевнеш во оние панегирици и дитирамби познати во антиката како песни посветени на бесмртните духови што ја движат историјата на човештвото.
Овие сублимирани стихови, кои ја илустрираат поетската инспирација од почетоците на Европа до денес, покажуваат дека Константин носи име на император и ни доаѓа од земјата Македонија, татковината на Александар Македонски. Вториот критички текст од францускиот есеист Луис Порке носи наслов „Константин Плевнеш или бескрајната сила на зборот“.
– Кога ќе ја прочитате оваа поетска збирка на Константин Плевнеш, вие излегувате од неа со многу неизбришливи траги на вашиот творечки, имагинативен и емоционален свет. Младиот поет ја реконструира бурната животна одисеја на Фанон, кој денес важи за еден од најголемите визионери на модерното човештво и настанува една форма на уметничка идентификација на авторот на оваа книга со ликот на Фанон и тоа чувство на припадност на судбината на Фанон се огледува во секој стих на оваа книга. Проучувајќи ја историјата на модерната егзистенција на сите меридијани, поетот во Фанон го препознава симболот на универзалната вредност. Посветувајќи му песна и на својот прерано починат брат Илија Плевнеш (1984 – 2021), музички и сценски уметник, тој жестоко ја опишува интернационалната тиранија на парите и нуклеарната моќ, како големи бариери пред вистинскиот хуманизам, кој денес е сосема отфрлен од оние што владеат со светот – заклучува Порке во својот приказ.