… Со замислен поглед низ прозорецот, постариот внук продолжува: – фактот што шимпанзото, делфинот, желката од Галапагос подобро ги познавам од некои домашни животни, поточно јарецот и биволот, веројатно доаѓа оттаму што уште од своето најрано детство безбедно и долготрајно сум го гледал анимал зад решетки, потоа тој ист анимал зад решетки, но и во природа, на големиот и малиот екран, па на видео, во црно-бело издание или во колор, во гро-план, слоумошн, со стручен коментар и соодветна музичка илустрација. Од друга страна, неколку кози и биволи во минување, крај патот или шините, еден нерепрезентативен покиснат јарец во јужните планини, додека брзавме да ја фатиме магистралата пред мракот. Се сеќаваш ли? Тогаш тие сѐ уште беа живи.
Помалото внуче пука во него: – Ра-та-тата-та! Отсекогаш си бил плачко!
Некој чука на вратата. Постариот внук и натаму замислено гледа низ прозорецот. Помалото внуче го вклучува струјното коло поврзано со кваката и милно прашува: – Молам?
Дедото со вресок ја отвора вратата: – Ѓаволче! Повторно со твоите игри, дедино! – го гали додека помалото внуче му забива клинец во ногата. – Те обожавам поради тоа! – разнежено почнува да пее, а помалото внуче му тактира со ударите на чеканот: – Дан зен пти бистро а Пари же труве ин петит ами. Ел ма ди, ж суи том ами, ма ви е ком ла плуи. Шак жур, ен нуво тур, ен нувел амур, о лалала…
Помалото внуче минува на втората нога. Дедото свири саксофон: – Оваа песничка ми буди носталгични навраќања во бурните денови на младоста. Ах! Ах! Уф! Бев недостижен! Немилосрден!
Постариот внук се обраќа со плачни очи: – Изворите на нашите фантастични претстави за младоста избиваат токму во оној стадиум во животот кога годините ги разурнуваат развиените форми на апстракција и посредно расудување. Дедо, (во меѓувреме дедото мора да седне, зашто помалото внуче му ја отфикарува ногата до колено) наивно е да веруваш дека твоите спомени ја чуваат младоста неизменета. Тие се заминати далеку од својата реална основа (помалото внуче со ножици за сечење жива ограда ги крати прстите од десната рака на дедото). Но јас го разбирам твојот копнеж, дедо. Разбирам зошто ја плетеш фантастиката околу твоето заборавено секојдневие.
Дедото се чешка со прстите на левата рака: – Триста педесет и седум! Не, триста педесет и девет! Егзатман! Триста педесет и девет жени во мојот тефтер! Триста педесет и девет рецки.
Помладото внуче го прекинува за момент: – Дедо, дај ми ја другата рака. Дедото му ја подава, помладото внуче со карате-движење и извик „Ај!“ му го отсекува палецот. Дедото е тотално разнежен: – Толку личи на мене! Истата спонтаност! Акција! Да се дејствува! – го стивнува гласот – и обата ми се внуци, ама малечково некако ми е забодено во срце – кон помладото внуче: – Пази душо, да не се повредиш.
Се вмешува постариот внук, потресено, речиси рецитирајќи: – Што го покренува животот? Која е таа извонредно моќна, сеопфатна сила што е присутна во нашите односи со живите, со мртвите, со природата? – плачно – Господе, зошто сме толку ситни?
Помладото внуче завршува со левата дланка на дедото, му рипнува на колена, му ја расчепува устата. – Немирко мој – се восхитува дедото – заборави дека минатиот пат ми ги искорна забите.
Постариот внук го отвара прозорецот: – Тегобност! Заклопени сме во нашиот миг. Ти Луно, ти илузијо! Колку бесмислени воздишки, колку празни сништа се поврзани со твојата лага! Ти, парче издупчен камен што со векови го мамеше човештвото!
Помладото внуче наоѓа клешта и му го влече јазикот на дедо си: – Томе, Томе, сега малиот Џери ќе ти покаже што знае!
Постариот внук говори во ноќта: – Кутри мои родители! Вашиот трагичен излет во јужноамериканските прашуми беше исто така романтична предожба. Мислевте ќе ве прифати нов свет, негибнат од инфективните раце на цивилизацијата, а завршивте како чорба на ритуалната трпеза на дивото племе Њам-Њам. – избезумено се врти кон брата си: – Беднику, зарем не сфаќаш? Нив ги нема! Засекогаш!
– А кого тоа? – прашуваат во ист глас дедото и помладото внуче.
– Тие што ни го даруваа животот!!! – крикнува постариот брат, вон себе, со опулени очи – Родителите наши!
– Кого го нема, без него се може! – одговараат во ист глас дедото и помладото внуче (внучето продолжува да му го влече јазикот).
Додека светлото постепено се смалува зад сцената се слуша глас: – Повикани сте да го проследите овој исечок од животот и за него да дадете свое мислење. Вашите авторизирани писмени извештаи ќе бидат примени, со почеток од следната седмица, на нашите пунктови низ градот. Ве предупредуваме дека извештаите без точни податоци за името, презимето, датумот на раѓањето, точната адреса и националноста, не ќе се земаат предвид. Благодариме!..