Ангажираниот колумнистички опус на Љупчо Коцарев

(Љ. Коцарев, „За македонските работи“, Скопје, Матица, 2021)

Колумната е жанр близок до кусиот есеј, заправо колумната е популарен есеј/оглед. Во колумната се изнесуваат авторски ставови и критички толкувања на настани од актуелната општествена стварност, се поставуваат политички непожелни прашања, се прават анализи за чувствителните политички, морални, образовни и општествени превирања и настани. Колумната се движи по рабовите на индискретниот израз, делумно објективен и научен, делумно личен и субјективен. Колумната го нарушува интимниот комодитет на власта.
Поради таквиот стилски и жанровски статус, колумната е медиумски фактор на влијание кој го обликува и го артикулира јавното мнение и создава критична маса со политички капацитет. Добрите колумни се дневни бестселери, затоа што имаат широка рецепција на порталите, социјалните мрежи, печатот и другите медиуми. А токму масовната рецепција е предуслов да се изгради јасна свест за некоја состојба, свест која пак е поттик или иницијатор на редица општествени преобразби. Токму силното влијание врз народните и интелектуалните маси е покренувач и придвижувач на општествените промени, било во смисла на еволуција или во смисла на револуција.
За проблематичните и стигматизирачки општествени состојби треба да се пишуваат не само долги и малку читани научни студии, туку и колумни на неделна, па и на дневна основа. Од тие причини, колумните имаат извесна политичка димензија, која произлегува од влијанието и дејството што го оставаат врз колективното мнение, врз колективните претстави, чувства и идеали.
Колумните се корективи на политичките заблуди и опомена да се избегне најлошото, да се спречи колективната еутаназија. Оти државата можеби никогаш нема да умре како идеја, ама може да се разобличи до степен на непрепознавање, може да престане да биде тоа што била, може да се распарчи, може да ѝ се смени режимот, може да ѝ се смени името, може да ѝ се смени конститутивниот наратив и сѐ она кое го сочинува нејзиниот идентитет.
Затоа, владејачките политички кругови чувствуваат зазор пред колумнистичкиот говор и особено од колумните на автори „со име“, со научен и општествен авторитет. По правило, владејачкиот ум е склон на апсолутна контрола. Надзорот и казната се иманентни својства на секоја власт, па следствено и демократската, има извесни авторитарни, ако не и тоталитарни склоности. Таков е, впрочем, архетипот на Власта.
Двегодишната серија колумни на академик Коцарев ја разобличи ноторната вистина дека во сенката на интелектуалното полтронство се кријат ниски страсти, каква што е страста за изневера на идеалите и за предавство на културно-историското наследство. Тој ги демистифицира тие ниски негативни и деструктивни страсти, изложувајќи се на јавни притисоци, но и на масовна јавна медиумска поддршка. Веќе две години тој ја соочува македонската јавност со феноменот својствен за аморфните политички лидери, со нивната лишеност од елементарно чувство за припадност, и тоа токму онаа генеричка припадност на човекот на човештвото, сфатено како парадигма на хуманост, добротворност, добродетелство, сочувство и сомилост. Љупчо Коцарев тоа го направи со изненадувачки интензивна посветеност, како да е по вокација писател, социолог и политиколог, а не еминентен светски научник во областа на техничките и информатичките науки.

Во своите колумни, академик Коцарев искажува согледби, прави анализи и дава препораки во коишто се препозна голем дел од актуелната македонска свест. Тој тоа го направи во континуитет, со нескриена доза на критичност, револт, па и емоции. Тој ја отвори на широко темата на најновата македонска агонија. Тој недвосмислено покажа дека е неопходен пресврт на подобро. Тоа ‘подобро’, во македонскиот случај, значи враќање во нормала, почитување на усвоените универзални кодекси на Обединетите нации, уважување на научните сознанија, вклучително и правото на толкувачки и вредносен плурализам, особено кога е во прашање архаичното, митското и културно-историското наследство. Поради тоа, колумните на Коцарев често се поентирани со препораки до инстанците на власт за тоа што треба тие, за отсега па натаму, да преземат со цел да се стабилизира демократијата во Македонија, а македонската држава да биде стандардно демократска, перспективна и долготрајна, а не негативен исклучок, уникат и експеримент.
Сите еклатантни и парадоксални аспекти на современото македонско прашање се во фокусот на мајсторски изведените колумнистички огледи на академик Љупчо Коцарев. Тој покажува дека мудриот ум не смее да биде сервилен. Јасно кажува дека умна власт не прави пазар со нештата кои не се на продажба и немаат возврат. Ниту една власт нема легитимитет да ги отуѓува наследените национални и државни придобивки во име на некои апстрактни изговори. Во својата збирка колумни, пишувани во речиси новелистички стил, врз начелото на временскиот и тематскиот континуитет, Коцарев потсетува на многу современи и акутни политички заблуди кои се повикуваат на отсутната историја, а се прават во име на отсутната иднина. Македонија како сегашност не е приоритет на македонската државна стратегија. Она што најмногу требаше да биде заштитено и усовршено, актуелната општествена заедница и стварност, втемелена врз научно и официјално признатиот европски карактер на Уставот на Р Македонија од 1991 година, се маргинализираше до тој степен што стана отсутно, подложно на импровизации и сомнителни ревизии.
Реално дадената и присутна Македонија стана, пред наши очи, отсутна, до тој степен е сменет нејзиниот идентитет, нејзиниот изглед, нејзината нација, нејзината духовност. Што би рекол Андриќ, Република Македонија, држава што ја нема. Ја нема, затоа што се изгуби некогашното заеднички споделено и негувано чувство на припадност на македонската нација. Исчезнува, затоа што нејзините конструктори и реконструктори ја потценија разликата меѓу македонската нација како трансетничка категорија и социјално-политичка творба, и македонскиот народ, како етнос со своја генеза, историска еволуција, култура, јазик и колективна меморија. Исчезнува, затоа што нацијата се фрагментираше прекумерно и неекономично на збир народи и делови од народи, на етнички, верски и јазични заедници, за денес да бидеме сведоци и на целосна ентропија на нацијата во којашто не само што владее етничкото малцинство, туку македонскиот народ се потиснува со фиктивно малцинство и се сведува на личен избор, на евентуална опција. Поради тоа, македонскиот народ се перципира како проблематичен етнос лишен од право да конституира нација, претворен во предмет на бескрупулозни преговори и зделки. Не само Македонија, туку и македонскиот етнос, станаа мрачен предмет на желба на балканските држави – нации, признати од Европската Унија како „еднонационални“, независно што се по својот состав мултиетнички, мултикултурни, мултијазични и мултирелигиски.

Култна проблематика на книгата на Љупчо Коцарев, „За македонските работи“, е идеалот на правдата. Тој, знаејќи дека балканскиот дискурс за онеправданоста може да биде злоупотребен, за неправдите нанесени на Македонците не пишува експлицитно, туку ги демистифицира имплицитно. Затоа, збирката колумни на Коцарев е една долга беседа во повеќе продолженија, една серија колумни кои ја симнуваат маската на македонскиот театар на бруталноста, заправо маската на најновата изведба на старата балканска хегемонистичка фарса со мирис на евтин парфем и привид на тривијален романтичарски сон. Неправдата е чин на изневера на хуманистичките идеали. Таа е извор на колективни и индивидуални трауми и стигми. Таа го продлабочува внатремакедонскиот конфликт, а не само конфликтот со соседите. Таа се случува речиси законито, повторлива е, предвидлива е, затоа и се осмелувам да кажам дека има системски карактер. Се работи за една радикална неправда, која е вистински предизвик да се пишуваат огледи во форма на колумни. Можеби токму поради синдромот на македонската неправда, нејзината осаменост и рамнодушна препуштеност на историската судбина, создадени се толку многу изрази – идиоми: македонските работи, македонските состојби, македонското прашање, македонска салата, македонски јазол, македонски синдром на самоуништување, Македонија – јаболко на раздорот… Можеби затоа, поради историските недоречености и темните места во науката, комбинирани со отсуство на државотворна стратегија и врховен национален интерес, поимите Македонија, Македонци, македонски народ, македонски јазик, македонска држава и многу други станаа предмет на произволни ревизии, на толкувачки импровизации на политички коректниот ум. Можеби затоа се збидна еден огромен јаз, една груба ампутација на цели епохи од македонското историско битие, еден упад во континуитетот на Македонија како етногеографски, егзистенцијален, културен и политички простор.
За сите тие аспекти на правдата и неправдата, врз актуелниот македонски пример, зборуваат колумните на Љупчо Коцарев, актуелниот претседател на МАНУ. Тие ги деконструираат, врз теориски и научни премиси, бројните ултиматуми кои ѝ се поставуваат на македонската држава, народ и нација. Тие ги разобличуваат грубите преседани и двојните аршини на меѓународната политика. Тие го разобличуваат лицето на политичката неукост и неморал. Тие се опомена за колективната апатија. Коцарев ја актуализираше тезата за македонскиот континуум во време и простор, како црвена линија од којашто не смее да се отстапи. Парадоксално, тој македонски континуум, кој е инхерентен според сите научни, идеолошки и цивилизирани меѓународни стандарди, доведен е во прашање не само од надворешниот, туку и од домашниот фактор, кој вредноста на парите ја претвори во религија на парите, во политички и колонијален радикализам и фундаментализам.

Катица Ќулавкова