Денес кога ќе видиме млада жена како се бунтува против општеството и општествената нерамноправност, ни изгледа нормално. Новите генерации жени се похрабри, борбени, возат брзо, зборуваат брзо. Но кога ќе видиме повозрасна жена од генерацијата на Вера, борбата е голема. Затоа филмот поместува повеќе бариери, вели режисерката на наградуваниот „Вера сонува за морето“

Филмот „Вера сонува за морето“, долгометражно деби на режисерката Калтрина Красниќи од Косово, кој е копродукција на „Дрим фектори“ од Македонија (Огнен Антов и Стојан Вујичиќ), „Истра креатив фектори“ од Косово (Шкумбрин Истрефи) и „Пападимитри филм“ од Албанија (Дионис Пападимитри), и понатаму е актуелен, собира симпатии и награди на интернационални фестивали. По минатогодишната премиера на Венецискиот филмски фестивал, каде што ја освои наградата за најдобра режија во категоријата „Автори под 40“, „Вера сонува за морето“ ја освои главната награда на 34. издание на Меѓународниот филмски фестивал во Токио, во конкуренција со уште 15 филма од целиот свет. А минатата недела ја освои меѓународната награда „Ингмар Бергман“ на Филмскиот фестивал во Гетеборг, Шведска. Досега филмот имаше прикажување на над педесет интернационални фестивали. Дејството на филмот е сместено во Косово. Раскажува приказна за Вера, преведувачка на знаковен јазик, која по самоубиството на сопругот, реномираниот судија Фатмир Гаши, се наоѓа во ситуација самата да преговара за иднината на својата ќерка и внука со традицијата и државата, во момент кога сите ги презираат жените како нив.

Кога вие би го пишувале синопсисот за „Вера сонува за морето“, каков би бил?
– Шеесетгодишна жена, која е толкувачка на знаковен јазик, по смртта на нејзиниот маж се соочува со круцијални проблеми наметнати од општеството и мафијата и со сите свои сили се бори за своите права да не го изгуби сопствениот имот. Вака би изгледал краткиот опис. Кога би се нурнале подлабоко во темата на филмот, се зборува за цела генерација жени што не сме навикнати да ги гледаме на филм, кои се нашле во сличен проблем, кои ретко или никогаш не се тема на обработка како главен лик во филм, но и во театар, литература… Овие жени се родени во 1950-тите години, живееле драматичен политички и социјален период. Дваесеттиот век е важен за жените, женските и човековите права, многу од жените не ги знаеле своите права, не знаеле да читаат. Во случајот со „Вера сонува за морето“, Вера е образована жена и тоа е голема драстична изненадувачка промена кај жените, на која тогашното општество не е подготвено. И нејзината ќерка претставува сосема нова генерација, која е се спротивно од Вера. И, оттука, постојано се отвораат предизвиците, се преиспитуваат одлуките. Овој филм за мене е подлабок профил на жените, кој дава приказ не само за една точка од светот, или еден лик, туку генерална слика за жените од таа генерација.
Како изреагиравте кога го прочитавте сценариото на Дорутина Баша?
– Кога ми даде да го прочитам драфтот, веднаш се навлеков на приказната, особено кога го прочитав насловот. Затоа што Вера на албански значи лето. И кога, всушност, прочитав „Летото сонува за море“, тоа предизвика длабок копнеж, да сонува летото за море некако е како да сонува за место што потсетува на дом. За 24 часа ја прочитав скриптата, бев многу импресионирана, пред сѐ од главниот лик, затоа што таа беше толкувачка на знаци, живееше во главниот град, беше изградена од богати и силни карактеристики. Сето тоа испреплетено со политички и социјални теми, навистина беше предизвикувачки за работа. И веднаш си реков, да, јас сакам да го направам филмот. Интензивно работевме изминативе седум години и стигнавме до премиера во Венеција.

Филмот освои многу награди, беше дел од многу филмски фестивали, предизвика позитивни критики… Која е тајната состојка на успехот?
– Мислам нема тајна состојка, туку главната причина е вистински раскажаната приказната да се држи цело време главната идеја и, секако, потребно е време. Јас пораснав со филмот, ми требаа седум години да го реализирам. Имав време да размислам и преразмислам повеќе аспекти, пред сѐ од сценариото. Детално ја избирав екипата со која сакав да работам. Сите овие аспекти се битни и е многу важно да се совпаднат. Ако треба да се спомне тајна состојка, би рекла дека е важно е да му се даде време на филмот да пресмета што, кога, каде треба да оди и да се почувствува вистината.
Филмот, намерно или ненамерно, поместува бариери…
– Вера е родена во тешко време, сѐ шо треба да направи по смртта на мажот ѝ се коси со сите нејзини верувања. Општеството ѝ наметнува да молчи и да се повлече. Ѝ наметнува став да биде покорна за да преживее. И кога ќе одлучи дека, сепак, тоа нема да биде нејзиното патување и е подготвена да преземе поинаков чекор, дека покорноста не е нејзиниот избор, одлучува да се бори за својот имот и иднината на својата ќерка. Овде таа игра огромна и сурова битка против општеството. Денес кога ќе видиме млада жена како се бунтува против општеството и општествената нерамноправност, ни изгледа нормално. Новите генерации жени се похрабри, борбени, возат брзо, зборуваат брзо… Но кога ќе видиме повозрасна жена од генерацијата на Вера е многу потешко, опструкциите се потешки, не знаеме дали ќе успее, неизвесноста е голема, борбата е голема. Затоа мислам дека филмот поместува повеќе бариери. Вера е повеќеслоен карактер и не е карактеристична балканска жена, таа е специфична светска жена од таа генерација, распространета насекаде. И затоа мислам дека филмот е одлично прифатен, оти насекаде ја има. Филмот беше дел од над 50 фестивали. „Вера сонува за морето“ му зборува на народот, не само на еден јазик туку на универзален јазик што секој го разбира и на некој начин го проживеал.
Кои пораки се провлекуваат низ дијалозите?
– Има повеќе пораки, но главната ми е дека треба да им посветиме внимание и да ги прикажеме на големото платно лицата што не сме навикнати вообичаено да ги гледаме. Тие се полни со невообичаени, несекојдневни приказни што вредат да се видат и чујат, а кои не сме навикнати да ги споделуваме со другите. Живееме со перцепцијата дека тоа било нормално во тоа време, да се живее таков живот, но вистински не е така. Многу такви ликови, генерации, групи на луѓе заслужуваат да бидат во првите редови и да се главни карактери во приказната. Таквите ми се најголем предизвик за работа. Главната порака би била обидете се да ја чуете нивната приказна, затоа што таа е насекаде. Tреба само да застанеме и да ги чуеме. Нивните приказни не се лесни, и тоа се генерациски проблеми, но не можеме да зборуваме само за убавите работи, време е да ги слушнеме и потивките.