Гоце Наумов, национален координатор на изложбата „Првите кралеви на Европа“
Првата станица на меѓународната изложба „Првите кралеви на Европа“, која ќе патува низ Северна Америка до 2024 година, беше Институтот за древни студии во Њујорк. Како помина отворањето, вие и лично бевте во Њујорк?
– Турнејата на оваа голема тригодишна изложба започнува во Њујорк и таа е од помал обем во однос на централната изложба, која следната година ќе биде во Чикаго. Институтот за древни студии при Њујоршкиот универзитет има одличен интимен простор за вакви изложби и не случајно фокусот го става на ритуалниот карактер на претставените предмети. Минатата недела бев во овој институт на свеченото отворање и на прегледувањето на предметите и дефинитивно е постигнат многу пријатен амбиент, со одличен фокус на артефактите и нивните функции. Американските институции имаат поинаков пристап кон изложбите од нас, тие немаат големи спектакуларни настани, туку, напротив, изложбите прво се отвораат за соработниците и пријателите на музеите, па дури следните денови тие се пристапни и за публиката, потоа следува и афирмирање на изложбите преку медиуми и придружни настани. На тој начин всушност и се градат изложбата и интересот на публиката за неа. Сличен пристап имавме и со изложбата „Духовите на Африка“ во Музејот на Македонија и навистина во целото нејзино траење ја видоа повеќе посетители отколку која било друга изложба во оваа институција. Тоа е, впрочем, и поентата со изложбите, тие треба да се одржуваат во живот, а не интересот да згасне по нивното отворање. Големите светски институции од овој карактер имаат големо искуство во одржување на интересот кон една изложба и верувам дека истото тоа ќе се примени и со оваа изложба во Њујорк, како и со преостанатите, во Чикаго и во Гатино-Отава.
Заводот и музеј – Битола го најави учеството на македонските музеи во неа. Што од македонското културно наследство е дел од оваа голема изложба?
– Имаме извонредни претставници на предисторијата во Македонија вклучени во изложбата. Тие им припаѓаат на повеќе македонски музеи и целта беше токму овие институции да бидат вклучени во изложбата. Затоа има предмети од Заводот и музеј – Прилеп (неолитски жртвеник од Врбјанска Чука), Заводот и музеј – Битола (енеолитски скиптар од Шуплевец) и од Музеј Гевгелија (железнодобен обреден накит од Милци). Сите тие упатуваат на клучни сегменти од обредните и церемонијалните активности во своето време и ги истакнуваат суштинските аспекти што произлегуваат од економијата и социјалните норми, притоа манифестирани преку ритуалите и верувањата. Не случајно го направивме овој избор на предмети, бидејќи тие се вистински застапници на есенцијалните идеи и когнитивните достигнувања во неолитот, енеолитот и железното време. Тоа станува уште поочигледно откако предметите се изложени во Институтот за древни студии во Њујорк. Затоа им упатувам огромна благодарност на директорите и кустосите во Заводот и музеј – Битола, Музеј Гевгелија и Заводот и музеј – Прилеп што го препознаа значењето на оваа изложба и беа отворени и решителни да отстапат вакви исклучителни предмети од нивните збирки. Благодарение на оваа заедничка соработка и разбирање, успеавме да го истакнеме она што е исконски вткаено во изгледот и улогата на жртвениците, скиптарите и накитот и тоа вешто да се вклопи со преостанатите извонредни предисториски артефакти од Балканот.
Како национален координатор на изложбата, на што го ставивте акцентот при селекцијата на повеќе предмети од неолитот, енеолитот и железното време, пронајдени на локалитетите Врбјанска Чука, Шуплевец и Милци? Кој артефакт има централно место на изложбата или, можеби, кој има најголема вредност?
– Мислам дека е неблагодарно да се говори дека некој артефакт има поголема вредност или централно место. Сите селектирани предмети во своето време имале значајна и сосема различна улога, така што жртвеникот од Врбјанска Чука имал една намена, скиптарот од Шуплевец друга, додека накитот од Милци бил користен во сосема поинаков контекст. Затоа, какво било споредување или степенување на овие предмети е неетично и неиздржано и токму оваа изложба има цел да отстапи од таквите традиционални парадигми, бидејќи фокусот е на улогата на предметите во своето време, а не на нашето сегашно вагање на нивните вредности. Секако, добро е и пожелно да се истакне улогата на секој од овие предмети посебно и музеите многу вешто може да го направат тоа акцентирајќи ги артефактите од нивните збирки. Тоа ќе им даде и повеќе присуство на овие предмети во сознанијата на македонската и светската јавност, што наедно ќе придонесе и во нивното афирмирање, особено имајќи го предвид тоа што предисторијата е занемарена во македонските државни програми. Верувам дека токму со оваа изложба ќе се даде поголем акцент на предисторијата во Македонија и таа уште повеќе ќе биде застапена во промовирањето на македонското културно наследство. Навистина имаме извонредни одблесоци на предисторијата и штета е ако не овозможиме да сјаат идеите што ги содржат тие.
Тешко ли е да се стане дел од еден ваков голем и значаен меѓународен проект? Ретки се ваквите шанси за презентација на македонската култура надвор од границиве.
– Можности за презентирање на македонското културно наследство имало и ќе има, но прашањето е колку, како и кои од нив (ќе) ги ползуваме. Светот секогаш бил заинтересиран за уметничките и духовните достигнувања на човештвото во минатото, и тоа особено за региони што не се многу познати, со оглед на тоа што многу децении, па и векови, фокусот бил на египетската, централноамериканската, хеленската, јапонската и други доминантни култури. Секако, не е едноставно и лесно да се биде дел од ваква голема изложба и треба да знаете што и зошто нешто претставувате пред јавноста. Она што ние го имаме во предисторијата во одредена мера е уникатно, а во друга се наоѓа на врвот на технолошките дострели во предисториска Европа, така што тоа треба да се препознае, вреднува и како такво да се презентира на соодветни места. Во таа смисла, оваа северноамериканска турнеја на балканското предисториско наследство претставува одлична можност да се покажат врвните гласноговорници на тогашните симболички и социјални рефлексии. Сведоци сме на време, пред и „по“ пандемијата, кога има зголемен интерес за Балканот, што резултира и со голем број туристи од европскиот, северноамериканскиот и азискиот континент, па затоа оваа изложба дотолку повеќе ќе се надоврзе на впечатоците на овие туристи и сигурно ќе привлече нови што ќе ги заинтригира потеклото на овие мистични предисториски предмети. Тоа еднакво ќе се одрази и на зголемениот интерес за македонската предисторија, но и за Македонија како земја, како на научно ниво, така и како нова непозната дестинација за многумина.
Ова е досега најголема изложба на балканската предисторија во светот. Има ли Македонија достоинствено место на поставката, во смисла на начинот на изложување, потекло на предметите, со оглед на актуелните балкански превирања за името и идентитетот на Македонија?
– Не би нè поканиле да учествуваме во изложбата доколку самите иницијатори Атила Гјуча и Вилиам Паркинсон, односно Филдовиот музеј од Чикаго, не сметаат дека и она што се случувало во Македонија во предисторијата има значаен удел во појавата и развојот на религиските и општествените процеси. Затоа и заедно селектиравме предмети што укажуваат на некои посебни когнитивни и симболички концепти како идејни достигнувања во различни етапи на предисторијата. Тоа покажува дека на овој простор навистина се случиле суштински исчекорувања значајни за развојот на човештвото на европско тло и затоа овие предмети имаат достојна улога во изложбата. Некои од нив се издвоени и во посебни витрини во рамките на њујоршката изложба. Со самото тоа и на Македонија ѝ се дава важен придонес, бидејќи сите предмети од македонските музеи, како и од сите преостанати балкански, се уредно сигнирани со податоци за нивното потекло, така што посетителите многу јасно може да видат каде се наоѓаат тие и во кои музеи се чуваат. Во изложбата нема апсолутно никакви политички инсинуации или обиди за извртување на фактите, туку, напротив, соработката со американските и балканските колеги одеше одлично и заемното вреднување, како и во повеќето научни проекти, се подразбира и се истакнува преку разни сегменти на изложбата, и тоа особено преку зборникот на трудови поврзан со неа.
Зборникот е уреден од авторите Атила Гјуча и Вилиам Паркинсон и е публикуван од престижната издавачка куќа на археолошкиот институт „Котсен“ при Калифорнискиот универзитет во Лос Анџелес. Како и со што е претставена Македонија во зборникот?
– Во зборникот ни се даде навистина голема чест, преку она што било карактеристично во предисторијата во Македонија да се направи осврт на случувањата на Балканот, и тоа преку разни аналогии и поврзаности што излегуваат надвор од модерните државни граници. Со коавторката на ова поглавје, Елеонора Петрова Митевска, ги акцентиравме најбитните економски, стопански, општествени и религиски елементи и преку нивната рефлексија во материјалната култура укажавме на значењето што го имале тие во секое од времињата што ги содржи предисторијата. Во ова поглавје се концентрираме на многу повеќе предмети и локалитети во Македонија отколку во самата изложба, бидејќи овој формат ни овозможува да вклучиме многу повеќе артефакти, структури, села и некрополи и, како целина, да ги вмрежиме во клучните процеси во кои тие биле интегрирани. На тој начин и може да се увиди динамичната интеракција меѓу предисториските заедници, кои на локално регионално ниво, но исто така и во доменот на поширокиот балкански простор, создале вистинско културно богатство. Тоа богатство не е само во релација со извонредните предмети што тие ги изработувале туку и во однос на новите достигнувања што токму од овој простор се ширеле низ целиот европски континент. Во таа смисла ова е една од пораките на изложбата, но и на зборникот, односно тоа дека Балканот, наедно и Македонија како географски дел од него, одиграл(а) есенцијална улога во создавањето нови општествени и симболички парадигми, а кои ќе бидат составен елемент од голем број европски предисториски заедници, и тоа во период од повеќе илјади години. На некој начин, и самото тоа што во изложбата и во каталогот се вклучени повеќе балкански музеи и автори укажува на културната моќ што ја создава заедништвото. Токму заедништвото е она што ја спаси изложбата во критични моменти и овозможи таа да се реализира проектирајќи мноштво прекрасни предисториски идеи.
Неодамна изјавивте дека „земја што го крие своето минато во архиви и депоа е осудена на заборав, што, за жал, постепено и ни се случува“. На што се должи ова континуирано неодговорно „чување“ на културното наследство?
– Како истражувачи на културното наследство имаме обврска да го документираме и презентираме она што го откриваме. Меѓутоа, постои некоја наследена митологизирана посесивност на индивидуално и институционално ниво, која ги третира артефактите или уметничките дела како опскурни и езотерични предмети што никој не смее да ги гледа. На тој начин се создава некоја неиздржана мистика дека тие се нешто посебно и не секој може да ги види или, пак, умее да ги разбере, иако често станува збор и за обични утилитарни предмети. Ваквиот „ритуализиран“ пристап во криењето на културното наследство е повеќе резултат на немање волја и умеење тоа вистински да се претстави, така што голем број предмети седат со децении во депоата без да бидат изложени или барем публикувани. Често изговорот е дека нема доволно финансии и услови тие да бидат вклучени во изложба, а доколку постои можност за ваков настан во друга институција, и тоа особено во странство, тогаш се имплицираат теориите дека предметите ќе бидат украдени. За жал, ова се неосновани манифестации на параноја, бидејќи досега не се случило предмети изложени во Македонија или странство да бидат оштетени или украдени, а сме имале привилегија пред светот да прикажеме прекрасни средновековни икони, антички златни маски, предисториски фигурини итн. Поради ваквиот неодговорен пристап, македонската и светската јавност немаат можност да видат извонредни ракотворби од минатото, со што (не)намерно се придонесува во акцентирањето на сиромашниот творечки дух на еден народ и неговата (пред)историја. А дефинитивно имаме што да покажеме и секоја чест на оние македонски археолози, историчари на уметност, историчари и етнолози што ревносно публикуваат и организираат (интер)национални изложби, со што меѓународно се афирмира културното наследство од предисторијата до модерната доба. Со овие публикации и изложби покажуваме дека умееме да се грижиме за културното наследство и темелно да ги толкуваме можните значења и функции што тоа може да ги има. Бидејќи неблагодарно е тие величествени уметнички и технички достигнувања да ги чуваме во депоата, а да го убедуваме светот дека имаме најубаво културно наследство. Секако, многу од овие фасцинантни ремек-дела од минатото се изложени во нашите галерии и музеи, но не секогаш е доволно тие само да бидат присутни таму, туку треба континуирано да се афирмираат преку тематски изложби, нови публикации, прилози во социјалните медиуми итн. Тоа, впрочем, и го направиме со изложбата „Првите кралеви на Европа“, бидејќи во неа се вклучени предмети што се веќе публикувани и изложени, но за нивното значење вистински да одекне во светот, тие треба постојано да се актуализираат. Така што не само американската публика туку и македонската јавност повторно ќе биде запознаена со присуството на неолитските жртвеници, енеолитските скиптари или железнодобниот накит, а што секако може да отвори порти за нови изложби во Македонија и, секако, зголемен интерес за предисторијата.