Збогување со Видое Видичевски (1931-2020)

Животот како да беше облагороден и обдарен со дарбина и пламен, со флори и сетила до немирните брегови и вечерниот пејзаж на неговиот роден град Охрид. Сѐ постоеше како почеток и крај, како земско пеење на срцето и раскошот на богатата Пирова гозба и лирска соната. Неговиот цветен балкон се извишуваше како послание токму во срцето и душата на охридската чаршија и сенилност и беше преполн со најубави цветни мириси и заслади за душата, елегиска и епска. Го раскопуваше и гаеше зборот, таинствениот изуст и ономатопеја на скриената методологија и аура. Медитерански им се восхитуваше на полињата житни, на бунарот полн со човекови житници и дарбата што можеше како летописание да се запише и освои во литературата. Езерото му претставуваше и завет и извор и вруток и свет и врв и нишка и бисерно грло низ кое се нанижуваа неговите радувања и празнувања.
Поетот како да се раѓаше пред Големата шума и здивот на неговата прва книга „Сини питоми утрини“ (1959). И муграта и бликот раскошно ги откриваа цутот и блажените мириси и ароми на целиот тој бескраен син колорит и откровение. Прометејски ги расејуваше и изустуваше низите, сликите и глетките на неговиот чудесен каријатиден дар на синото окно и бескрајот на хоризонтот и Свети Наум. Постојано широко и бескрајно го отвораше прозорецот. Посакуваше душата да му биде исполнета со завети и шепоти од лаврови листови и брановите на неговиот Аквариус, на таа летна сцена и секавица што неговиот син Буде ја одржуваше како ореол или „културен натпревар“. Така, орално ја согледуваше таа Прличева Сердарија и спрега на мајчиниот јазик и татковите писанија и мисли.

Така се будеа тие негови питомини и сини утрини на поетот вознесен и трубадурски. Својата рана и болка ги лекуваше со посевината, со мед и вокалот на птиците преселници, со протокот и бистриот извор на долината и подножјето на селото и реката рајска. Пленуваше таа негова книжевна рудина и леа, тоа плодно и раскошно негово македонско плодородие и виножито. Неговата работна маса и сина мастилница беа исполнети со многу книги, ракописи и страници на воздишките засладени. Бдееше таа негова творечка и недогледна тријада, недоглед и неспокој како поет, раскажувач, орач, воин, драматург, детски автор, вокативен имагинарец, говорник и запишувач на модулациите од секојдневниот простор на времето. Неговата анатомска и онтолошка тага се прелеваше со космичките вибрации и тонови на домашното огниште, на животот нов и „челикот што се калеше“ (по Островски) со пот и постулатите од неговата лирска и нежна поетика и душа.
Неговиот хороскопски знак јарец се откриваше како заробеник и заточеник на своето роднокрајно копје и далга. Еруптивен, неуморен и силен беше тој негов творечки оган и муза. Воспевен и многу длабок. Видое Видичевски беше темелник и основач на многуте меѓународни манифестации: „Охридско лето“, „Струшките вечери на поезијата“, „Прличевите беседи“, Историскиот архив, Градската библиотека, Радио Охрид… Тој негов сензибилен приод и јазик, плејдано се облагородуваше со кладенците и бујниот тек и шум на распосланиот син свет и шарениот килим на раздените и милувањата.

Разме Кумбаровски