Кратки видеа создадени во самоизолација на дел од македонските уметници што живеат во земјава, но и во странство, го чинат новиот проект на Националната галерија на Македонија, кој може да се погледне онлајн

Во текот на април и мај, Националната галерија на Македонија упати повик до педесетина уметници од земјава, но и до дел од тие што живеат во странство, за учество со свои кратки видеа снимени во самоизолација во нејзиниот нов проект насловен „Уметнички дневници“. На Јутјуб и на фејсбук-страницата на галеријата се поставени видеа снимени на македонски и на албански јазик со превод, а некои имаат и превод на англиски јазик.

Онлајн проекциите за време на актуелната пандемија на коронавирусот почнаа со видеото на уметницата Дијана Томиќ на почетокот на мај, а деновиве може да се погледнат и видеата на Славица Јанешлиева, Решат Амети, Гоце Наневски, Осман Демири, Јана Луловска, како и на Верица Ковачевска од Швајцарија, Ирена Паскали од Германија, Глигор Стефанов од Канада, Кристина Пулејкова од Англија, Виолета Чаповска од Австралија, Петре Николоски од Британија. Кураторката на проектот Ана Франговска ги очекува и видеата на уметниците Елпида Хаџи-Василева од Англија и Љупка Делева од Италија, а ќе следува објавување и на кратко видео на Александар Спасоски од Германија. Во фаза на подготовка се и дневниците на Моника Мотеска, Роберт Јанкулоски, Елизабета Аврамовска, Маргарита Киселичка, Марија Сотировска, Кристина Божурска и други автори.

Учеството во проектот на уметници од Македонија што живеат и работат во странство, според кураторката, е со цел да се видат нивните сведоштва, реакции, импулси во времето на криза. По завршувањето на фазата на собирање и објавување на уметничките дневници, планирана е реализација и на завршен проект во галериски формат, кој треба да содржи дел од видеата во интегрална форма. Станува збор за компилирано видео од сите дневници, како и за печатено издание – каталог, кој се смета дека треба да биде уште еден доказ, сведоштво на креативното време што го живеевме во изминативе два месеци, а и ќе продолжиме да го живееме во една поинаква форма од вообичаената.

– Во овој мачен период што го минавме сите, нападнати од убиствената маленкост на ковид-19, а и веројатно уште ќе го минуваме, бидејќи и социјалната изолација е посебен вид изолација, особено во уметничкиот свет, се постави прашање за иднината на консумирањето на уметноста и за нејзината презентација. Тогаш и Националната галерија, како и сите други музеи и галерии низ светот, почна да воведува нови форми на онлајн задоволување на потребите на љубителите на уметноста, па од реалниот, прејдовме во виртуелниот свет на комуницирање со нашата многустрана публика – вели Ана Франговска.

Како една од најстарите институции во државата што се занимаваат со негување и афирмација на македонската модерна и современа уметност, Националната галерија на Македонија има ризница што е мошне богата, со повеќе од 3.000 експонати, ремек-дела на македонските доајени и основоположници на ликовната уметност на 20 век.
– Оттука, не беше мошне комплицирано да продолжиме со виртуелна обработка на нивните дела и нивното значење, обезбедувајќи ѝ на публиката виртуелна прошетка низ постојаната поставка, почнувајќи еден циклус на видеа што се однесуваа на описно запознавање со делата од поставката и нивните автори, креирајќи едукативни експликации за сликање (за најмладата публика), континуирано работејќи на проектот „На денешен ден“ итн. Но се постави прашање како да ја продолжиме онаа друга линија на активности на галеријата, односно работата со живи уметници, организирањето нивни изложби, презентации, афирмации кога галериите се затворени, а голем дел од овие проекти се комплексни и мултимедијални и во суштинска поврзаност со објектот на изложување?!

Тогаш решивме, чекајќи го времето кога одново ќе ги отвориме галериите и ќе се вратиме на изложбите „во живо“, да ги анимираме рецентните уметници со тоа што побаравме од нив да контрибуираат видео со свој став, изјава, видеоарт-дело, видео во каква било форма, кое ќе биде сведоштво на нивното време и чувства сега, во ова време невреме, дали ја користат изолацијата да се посветат на креативност или, пак, се во некоја депресивна, посебна состојба – додава кураторката.
Според неа, идејата била да се направи уметничка архива на сегашното пандемиско време, која ќе биде сведоштво за еден специфичен период од животот на уметниците и на културата воопшто.

– Од друга страна, и публиката да ја анимираме со една нова „приказна“ од современите уметници, да ја држиме љубопитна и во очекување на времето што сите се надеваме ќе следува во нормализирани услови, кога ќе бидеме во можност да ги видиме нивните најнови креативни резултати. Тоа беше идејата – додава Франговска.
Добиените видеа ја израдувале и неа. Ја израдувала нивната различност во формата, концептот, изгледот, пристапот, нивната искреност, нивната неформалност, инвентивност, креативност…
– И јас, како и уметниците, одново се почувствував живо во мојата кураторска улога, дека правам нешто суштинско и содржајно, дека продуцирам концепт и проект што ќе биде дел од една архива, а создавањето архиви е мошне важна улога во нашата дејност – вели таа.

Во оваа пригода открива и дека уметниците одлично одговориле на иницијативата и на поканата, голем дел од нив гледајќи го проектот како момент на будење од наметнатата комоција во која од нив не се очекува нешто сработено со краен рок. Некои биле агилни и одговориле брзо, некои пополека, постојано потсетувајќи дека во тек е постапката и дека им е потребен период на адаптација и ставање во колосек. Но, како и да е, кураторката смета дека нивната реакција е одлична. Многу од уметниците, посочува Франговска, биле мошне среќни, бидејќи проектот „Уметнички дневници“ го сметаат за мотивирачки за да почнат креативно да размислуваат надвор од својот интимен свет и да станат повторно дел од една јавна сцена, како и пред појавата на пандемијата.

– Проектот ги исполни целите, а и продолжува. Можеби со укинувањето на полицискиот час се ослободија некои од обврзувачките рестрикции што беа дел од борбата за справувањето со вирусот, но вирусот е сѐ уште тука. Галериите ќе почнат да работат, но сѐ уште не како порано, т.е социјалната изолација сѐ уште ќе продолжи, па оттука и проектот е сѐ уште актуелен и во тек. Очекувам да се направи една убава и богата архива – вели кураторката.

Уметницата Верица Ковачевска за своето дело во проектот „Уметнички дневници“ вели дека на апсурден начин го отсликува уметникот родител, кај кого границите помеѓу професионалното и приватното се целосно заматени. Посочи дека музиката во него не е дел од нејзиното оригинално дело, но и дека таа предизвикот од Националната галерија го испратила во форма на краток видеоперформанс снимен во нејзината дневна соба (сега ателје) со мобилен телефон. Ирена Паскали, пак, во впечатливиот проект учествува со видеото насловено „Иронично но вистинито“.

– Се одморив, се одморив и се прочистив. Се прочистив од целата таа негативна енергија што се акумулираше во последните години. Taа негативна енергија претворена во омраза, завист, злоба, некомуникација меѓу луѓето, ароганција, игнорирање, нарцизам, егоизам, национализам, кои толку многу владеат во светот. Таа негативна енергија толку се ширеше, што мислам дека ја чувствував насекаде – вели, меѓу другото, во видеото снимено во нејзиниот дом уметницата Паскали.
Таа смета дека држењето дистанца еден од друг по еден и пол до два метри поради корона-ситуацијата е во ред, меѓутоа истакнува дека е многу лошо што менталната дистанца меѓу луѓето е многу поголема. Нагласува дека за коронавирусот ќе се најде лек, вакцина, но не и за менталната дистанца, која секојдневно расте. На тоа, посочува Паскали, ќе треба сами да поработиме, а и ќе нѐ чека едно ново поглавје во животот, посткорона-изолација.

– Оваа нова ситуација мене сепак ми дава надеж и оптимизам, тоа се гледа во моето сликарство, боите се побогати, пооптимистички, композицијата е поотворена, иако сме ограничени. Забележав дека сепак не постојат ограничувања кај луѓето и можат да се најдат алтернативни форми на изразување и организирање. Честопати досега и јас сум учествувал на онлајн изложби, кои сепак некако ја одржуваат активноста, темпото на уметниците. Но без разлика на ваквите организирања, мислам дека уметникот може да твори, може да дава посилна порака, бидејќи сега се гледа дека човекот е дел од светот, дека веќе не живееме во нашите маалски светови, туку сепак сме дел од нешто поголемо. Таа големина уметникот во оваа ситуација мислам дека ќе може да ја одржи и да ја прикаже преку своето творештво – вели, меѓу другото, во својот видеодневник, снимен во ателје, Решат Амети.

А во краткото видео снимено на отворено во Канада, Глигор Стефанов говорејќи, наедно покажува и мали тефтерчиња, со цртежи и скици што ги правел низ годините, уште од дете.
– Јас како човек и уметник вообичаено сум во една доброволна самоизолација. Но оваа изнудена самоизолација ми наметна, од една страна, несигурност, нетрпеливост, вознемиреност, но, од друга, ми овозможи да поминам повеќе време со семејството, да си посветам време себеси, да ги прелистам старите албуми, да ги средам архивите. Во една фиока деновиве наидов на некои белешки што последните неколку години сум ги подзаборавил, на тефтерчиња. Тефтерчињата одиграа една многу важна улога во моето растење и формирање. Тие се како една низа нанижана со мои креативни размислувања, сите заедно се еден мал, интимен уметнички дневник.

Уште од најраното детство, кога морав цел ден да нижам тутун, а за цртање немав време, ниту пак ми беше дозволено од родителите, јас имав скриено едно мало блокче број еден крај мене, и штом ќе се оддалечеше мајка ми, го вадев и нешто забележував, скицирав набрзина. А таа навика ми остана и подоцна – вели меѓу другото Стефанов.

Петре Николоски, пак, видеоприказната ја започнува на празен перон, на пат од домот до своето студио во Британија. Тој прави мал преглед на изминатите дваесетина години поминати во студиото додека снима и говори за делата што таму ги изработува и чува. Меѓу нив е и новата фигура „Св. Симеон“, која ја создава во време на актуелнава изолација, фигура која, како што вели и самиот, ќе биде и насликана со зачини и со други работи…