„Прозарт медија“ деновиве го издаде романот „Романса во малото гратче“ на Григориј Канович, кој раскажува за мало место во Литванија во пресрет на Втората светска војна. Преводот од руски јазик е на Обухова Елена Сергеевна и на Никола Шуканов.
– Воден од споменот на неговата сакана мајка, маестралниот раскажувач нè шета низ средината на својот семеен свет, рекреирајќи го минатото, кое е неповратно уништено. Канович живо се сеќава на неговото родно место, на политичката криза од 1930-тите, на богатите трговци и чистачи на чевли, луѓето, озборувањата… Секако, тој го следи и растечкиот страв од нацистите, руската инвазија, политичкиот прогон и апсењата и прогонетите, што ја обликуваа нацијата. „Романса во малото гратче“ e роман полн со нежна наклоност, мека иронија и остри забелешки – наведува издавачот.
Писателот Канович го преживеал холокаустот и сега тој е познат и ценет како чувар на колективното сеќавање на генерациите литвански Евреи и врвен прозен мајстор.