Кога во 2015 година ирскиот кантавтор Хозиер го објави своето деби „Take Me to Church“, номинирано за „греми“, светот остана без текст. Четриминутната визуелна сензација во режија на уметникот Дејвид Лашапел танцово ја изведе украинскиот балетан Сергеј Полунин, човекот што се побуни против балетскиот естаблишмент додека со своите движења ги менува законите на физиката.

Сакајќи да се ослободи од оковите на традицијата, со деструктивните потези си ја уништи кариерата и од најголема светска балетска ѕвезда стана отпадник со прекар, лошото момче на балетот. На свои 19 години бил најмлад првак во историјата на англискиот Кралски балет, а денес 29-годишник, во почетокот на годинава на јавноста ѝ ја покажа новата тетоважа со Владимир Путин на градите и зборовите: „Благодарам на Владимир и на секој што се бори за доброто. Ве почитувам, не е лесно да се биде силен и да се одбере доброто. Љубовта е добра и таа е најмоќна“. Поради оваа пофалба му беа откажани низа настапи во светските театарски куќи, кои не ја делат неговата симпатија кон рускиот водач. Му забележаа на неговата политичка пристрасност, која не се очекува од балетан, па и му советуваа да се повлече. Но тој го замени украинското државјанство со руско, а потоа повторно шокира со изјавата сфатена како хомофобна: „Порака до сите мажи што изведуваат балет – на сцената има една балерина и нема потреба да бидат две. Мажот треба да биде маж, а жената – жена. Машката и женската енергија создаваат рамнотежа. Постои причина зошто имате тестиси. Истото тоа го мислам и за светот надвор од балетот…“ Потоа доби отказ од Париската опера и балет.

Атипичниот балетан, кој знаеше и пијан да се качи на сцената и повторно да биде совршен, ја размрда балетската сцена. Сега сонува за своја балетска школа лишена од задушување на креативноста, кое смета дека го има во институциите. Тој продолжува да ги урива стереотипите дека балетаните се нежни и феминизирани и дека балетот е „за девојчиња“. Таквата слика првично ја променија Нижински, Нуреев и Баришњиков, кои ги нарекуваат „балетани со јајца“, а со кои денес го споредуваат Полунин.