За време на пишувањето и објавувањето на една книга, никој не знае како таа ќе помине кај читателите и дали ќе му донесе успех на авторот. Соодветно на тоа, има и такви автори што подоцна зажалиле што воопшто го објавиле своето дело, а тоа може да се должи на реакцијата на публиката или поради сопственото пишување. Издвојуваме неколку од најпознатите примери во двете категории.

Стивен Кинг – „Бес“
Кинг ја напишал оваа книга додека бил уште во средно училиште и ја потпишал под неговиот псевдоним Ричард Бакман. Заплетот следи проблематичен тинејџер што носи пиштол на училиште, убива неколку професори и држи заложници. Книгата е поврзана со неколку реални настани со сличен развој на ситуацијата, а Кинг потоа побарал да се повлече од печат, бидејќи не сакал да инспирира никого да направи такво нешто.

Агата Кристи – книгите за Херкул Поаро
Иако напишала 33 романи и 56 приказни за него, Агата Кристи навистина не го сакала ликот на Херкул Поаро. Отпрвин ѝ било жал што не го замислила помлад, бидејќи не планирала да го користи во толку многу дела, а потоа ѝ пречело што издавачите постојано барале нови приказни само за него. Во еден момент, таа го зачнала ликот на Аријадна Оливер, писателка на мистерии што ја мрази својата најпозната креација и сака да ја убие.

Сер Артур Конан Дојл – книгите за Шерлок Холмс
По првичниот успех со Холмс, Дојл се обидел да му се посвети на омилениот жанр на историска фантастика, бидејќи сметал дека литературно е поамбициозен од детективските приказни. Тие дела не беа успешни и, изнервиран, Дојл решил да го убие Холмс. Сепак, поради барањата на читателите и издавачите, тој го оживеал девет години подоцна и пишувал за овој лик повеќе од две децении.

Луиз Меј Алкот – „Мали жени“
Авторката не сакала да напише книга за жените, но нејзиниот издавач инсистирал. Таа се откажала по првиот обид, но тој ѝ ветил дека ќе ја објави книгата на нејзиниот татко само ако го заврши својот подоцна славен роман, што таа го сторила два месеца подоцна. И покрај успехот на книгата, таа никогаш не ѝ се допаѓала, а кога обожавателите оделе во нејзината куќа да побараат автограм, таа им кажувала дека е собарка за да ги избегне.

Франц Кафка – речиси сите дела
Се претпоставува дека Кафка изгорел околу 90 отсто од сè што напишал, а исто така му оставил писмо на својот пријател Макс Брод да изгори сè што останало. Брод не го сторил тоа, туку, наместо тоа, помогнал да се објават романите „Процес“, „Замокот“ и „Америка“. Тој вели дека ги извадил овие дела од Прага со последниот воз што го напуштил градот пред нацистите да ја затворат границата во 1939 година.