Фото: Маја Јаневска-Илиева

Од творештвото на писателот за деца и млади Киро Донев

Во животот, верувајте, човек може да налета на сешто.
Еве да ве прашам нешто:
– Дали и колку е можно братче и сестриче да си живеат со љубов, без закачки – сложно?
Знам, знам, сите ќе речете:
-Зошто да не? Сигурно може!
– И со брат ми Васко? Чувај боже! Па, тој ви е, верувајте – бељаџија со диплома! Во неговата соба: кутии, топки, играчки – цели ридови! Во кујната: искршени филџани и чинии, ишарани врати и ѕидови…
Сите дома „до гуша сме сити“ од неговите „уметнички дела“ и разните графити!
Си признавам. Јас сум виновна. Уште како забаваче го научив да пишува и чита, зашто не сакав по цел ден сал да игра и да скита…
Замислете си, на вратата од фрижидерот напишал вака: „Да знаете, сестра ми Зорче – тројца одеднаш сака: Диме, Климе и Борче!“
А, јас, жими Климе – си го сакам само Диме!
Ете, одете и живејте сложно со такво дрдорливо братче!
Ако му дадам нешто, за него сум „принцеза“! Кога ќе го скарам, тогаш сум – „грдото шатче“!

Сношти пред спиење, вака ми вели:
– Колку си грда, Зорче, не можеш да замислиш ни сама! Зошто не побараш отштета за тоа од тато и мама?
Таа страшна навреда сѐ уште ме пече! А еве што беше поводот за тоа да ми го рече:
– Бананата не се јаде сосе кора – му реков – совет никогаш не примаш!
– Зошто да ја лупам? – ми врати. – Знам во неа што има!
Утрово ми се јави Диме по телефон. И веднаш скокна тој:
– Погрешен број вртите, другар – му рече и почна да се смешка. – Ние воопшто немаме телефон, сигурно сте во грешка!
– За тоа – му реков – заслужуваш сто и една шлаканица!
– Само повели – ми врати. – Дневникот ќе ти го направам баница!
Та, така, секогаш на сѐ ми става забрана, вето! Од есен, тој ќе стане втораче, а јас ќе бидам во трето! Ќе биде поголем и можеби ќе мине најстрашното. Ќе има повеќе да учи и ќе си легне на брашното!


Брат ми Робин Худ

Леле, леле, брат ми Васко, како да е луд… Се качил на дрво – изигрува Робин Худ! Седи, демне, нешто чека в раце со лак и стрела…
– Ќе паднеш, бре, ај слегувај! – на сет глас му велам.
Тој наместо да послуша и повеќе да пази – глув се прави и продолжува по гранките да се јази.
Го прашувам погласно:
– Што правиш на јаболкницата?
А тој:
– Ми се чини си бараш – стрела по вилицата?
– Ако не слезеш веднаш, ќе ја повикам мама…
– Тогаш бељата, сестричке – си ја бараш сама… Но и да ја повикаш. Џабе ќе се мачите. Ќе ви треба хеликоптер до мене да се искачите!
Нѐ чул дедо и се обиде да ја смири караницата:
– Еј, Васко, што правиш горе на јаболкницата?
– Го чувам, дедо, гнездото на грлицата… Мачорот на соседите, како снег што е бел, од гнездото вчера едно јајце изел… Кутрата сега, сал врз едно ли да квачи? Ќе го чекам разбојникот пак овде да се качи! Поради него си ги искинав и панталоните и гаќите, ама ако го начекам, ќе му летнат мустаќите!
Дедо се изнасмеа и пак дома си влезе, а брат ми си седи – никако да слезе!
– Слези, бре – му викнав, зар не можеш да сфатиш? Од грлиците можеш птичји грип да фатиш!
– Ај не баксузирај и попусто не колни! Толкав пат минале, а велиш се болни! Робин Худ,сестро, не е плашлив тип… Не ти пали приказната за птичјиот грип! Оние од телевизијата и што пишуваат по весниците, да знаеш без причина ги навредуваат птиците! И сама знаеш каде сѐ сме иделе… Мртва птица, кажи, дали негде сме виделе?! А овде, кај нас, наместо „птица мртва“, мачорот разбојник ќе биде денешна жртва!
– Штом е така – реков- штом толку си му лут, продолжи да изигруваш – нов Робин Худ!

(Од книгата
„Моите приказни“,
издание на
„Македоника литера“)