Учениците и наставниците изминативе три години имаа можност да ги истражат актуелните успешни практики за фрлање на отпадните материјали и нивно рециклирање, вели Милка Мркева, координаторка на проектите

Учениците од ОУ „Гоце Делчев“ од Кавадарци успешно реализираа два проекта од програмата „Еразмус“

Основното училиште „Гоце Делчев“ од Кавадарци уште од 2014 година е дел од големото семејство „Еразмус“ и всушност е првото основно училиште од Македонија што е вклучено во овој меѓународен проект. Оттогаш до денес училиштето активно учествува во многу проекти со кои на учениците им овозможува запознавање со нови култури, обичаи, едукативно влијае во прифаќање на разликите и придонесува за стекнување позитивни искуства. Само во текот на минатата учебна година повеќе од сто ученици од Кавадарци патуваа во други земји и беа дел од активностите на „Еразмус“.

Важноста на животните одлуки

– Проектите „Придонесување за позитивни климатски промени“ и „Раководење со зелени училишта“ траеја три години и успешно завршија во септември годинава. Проектот „Раководење со зелени училишта“ беше координиран од училиште од Словачка, а партнери, покрај кавадаречкото ОУ „Гоце Делчев“, беа училишта од Полска, Турција и од Хрватска. Сите партнери ја препознаа важноста да се поттикнат учениците да размислуваат дека многу мали одлуки што ги носиме во секојдневниот живот имаат големо влијание врз животот на планетата. Всушност, проектот имаше цел да го поттикне рециклирањето, со што директно помагаме да не се наруши хармонијата на природниот свет и да се зачуваат многу природни ресурси. Одговорно однесување на учениците кон отпадот и градење јасно дефиниран став за сериозна грижа кон планетата доведуваат до сознанието дека нема оправдување да не дејствуваме во средината во која живееме. Учениците и наставниците изминативе три години имаа можност да ги истражат актуелните успешни практики за фрлање на отпадните материјали и нивно рециклирање – вели Милка Мркева, координаторка на проектите.
За да ги остварат целите во рамките на проектот беа организирани пет интернационални мобилности, и тоа во: Турција на темата „Справување со отпадните материјали“, во Полска на „Поттикнување на повторното употребување на материјалите“, во Словачка на „Справување со отпадот преку рециклирање“, во Хрватска на темата „Подобро справување со отпадните материјали“ и во Македонија на темата „Редуцирање на злоупотребата на природата“.
Интересно е да се издвои дека за учениците гости од Хрватска, Полска, Словачка и од Турција учениците домаќини во Македонија им организираа презентација за работата на компанијата „Пакомак“. Ја посетија компанијата „Екопласт техника“ за преработка на пластика во Кавадарци, одржаа работилница за изработка на вазни со техниката декупаж, со помош на стари стаклени тегли, и создадоа мини-екоградина со зеленчук во училишниот двор со помош на семиња што гостите ги донесоа од нивните држави.

Придонесување за позитивни климатски промени

Дали некогаш сте размислувале за врската меѓу климатските промени и загадувањето? Да, тоа се навистина актуелни теми, но можете ли да замислите какво е чувството да споделувате искуства со ученици низ светот што се засегнати од овие глобални проблеми.

Токму тие имаат улога во решавањето на овие прашања. Колку е вредно секое мислење, секој аргумент погледнат од една поинаква перспектива, произлезен од различна животна средина, различна култура? Колку е важно да се слушне гласот на некој што размислува поинаку од тебе? Тоа го издигнува овој проект на пиедесталот на највисоко ниво на меѓусебна соработка и ја потенцира непроценливата вредност на размена на едно искуство што ги надминува границите на менталниот склоп на само еден народ. Ова е дел од пораката на учесниците во овој проект, кој, покрај другото, имаше цел и да го поттикне интересот за природните науки, во исто време алармирајќи за крајната опасност што ѝ се заканува на планетата Земја. Имено, низ четирите области што беа во фокусот на проектот учесниците се обидоа да ги допрат најважните сегменти што даваат позитивен одраз и пристап кон оваа проблематика, и тоа: обновлива и заштеда на енергија, намалување на испуштањето на јаглероден диоксид, намалување на употребата на пластика и балансиран биодиверзитет.
– Проектот за климатските промени беше координиран од училиште во Белгија, а партнер беше училиштето „Гоце Делчев“ од Кавадарци, како претставник од Македонија. Учествуваа и училишта од Италија, Германија и од Велс. Од овој проект добивме многу позитивни искуства, а учениците и наставниот кадар имаа можност да се запознаат со најдобрите практики за заштита на околината. Важна е и тимската работа, која поттикнуваше на сплотеност меѓу учениците. Краен продукт на целокупната мобилност беше создавањето екокатчиња што изобилуваат со практични решенија за голем број од проблемите поврзани со прекумерната употреба на пластика во нивната околина – вели Милка Мркева, координаторка на проектот и наставничка по англиски јазик во ОУ „Гоце Делчев“ во Кавадарци.