МЕЃУНАРОДНА СОРАБОТКА
Кон средината на јуни во Нови Сад, соседна Република Србија, беше реализиран проектот „Нашите соседи“. Во овој проект се пријавуваа деца што со помош на своите родители требаше да подготват презентации за некоја од државите што се наоѓаат во опкружувањето на Србија. Малиот Дино, кој е идно прваче, ја има сестричката Наѓа, која е ученичка во ООУ „Вељко Влаховиќ“ во Нови Сад. Таа веќе две години заедно со своите соученици го изучува предметот Македонски јазик со елементи на националната култура. Со помош на наставничката Снежана Алексиќ Станојловиќ, тие одбраа и подготвија материјал за претставување на Македонија. Наѓа наизуст ја научи песничката „Тетка љубов“ од македонската поетеса Вера Андон и ја рецитираше на македонски. Нејзиното рецитирање предизвика големо внимание и беше наградено со голем аплауз. А малиот Дино го раскажа она што го научил од неговата постара сестричка и од наставничката Снежана – нешто за македонското знаме, за македонскиот грб, македонската азбука, за македонските пари – денарите, за Вардар, за Скопје…
Ги покажаа и македонските списанија што ги читаат нивните врсници во Македонија: „Росица“, „Супер Смешка“, „Колибри“. Присутните имаа можност да видат и некои стихозбирки од македонските автори за деца. Ова беше навистина убаво претставување на Македонија направено со многу љубов. Ф.Д.