ООУ „РАМПО ЛЕВКАТА“ ОД ПРИЛЕП ГО ОДБЕЛЕЖУВА МЕСЕЦОТ НА КНИГАТА
Со низа активности посветени на книгата, литературата и на читањето, прилепското ООУ „Рампо Левката“ ќе го одбележи месецот на книгата, кој започна на 15 октомври, а ќе трае до 15 ноември. Активностите започнаа со средба со поетот Филип Димкоски, кој по покана на училишниот педагог Весна Цакоска Насеска одржа две интерактивни работилници.
Првата работилница со наслов „Креираме и рецитираме“ се реализира со шестоодделенците и со нивната наставничка Верица Апостолска. Учениците се запознаа со творештвото на авторот, кој им ги претстави своите пет поетски книги. Некои од учениците ги анализираа и ги коментираа песните на авторот, некои од нив ги рецитираа, а некои ги презентираа своите ракописи, со цел да се истакнат сите вредности што ги даваат читањето, пишувањето, чувствувањето и размислувањето. Во вториот дел од средбата, шестоодделенците го опсипаа авторот со безброј прашања на кои тој со радост им одговори. За следната средба се договорија учениците да му ги претстават своите творби.
Со првоодделенците, пак, и со нивните наставнички Снежа Ѓорѓиоска и Билјана Илиоска, Димкоски ја реализира работилницата „Стихови од градината на Филип“. Преку игри, сензорна едукација и многу песнички, дечињата учеа за овошјата и зеленчуците, за екологијата и за природата, а тие пак за возврат на поетот му испеаја неколку песнички што досега ги научиле и му ветија дека за многу брзо време ќе научат да читаат и да пишуваат.
ООУ „Рампо Левката“ ќе продолжи со одбележувањето на месецот на книгата со посета на градската библиотека, со литературно катче и други активности.
Есен ми е…
Здив ми е мирисот на дуњите
солза ми е дождот по улиците
око ми е водата во вировите
музика ми се врапците на жиците.
Смеа ми се зраците на сонцето
волја ми се дувањето, ветриштата
тага ми се спуштените облаци
страв ми се од гранките сеништата.
Крик ми се громот, тупотот, татнежот
допир ми е од студот бакнежот,
шумот на лисјето ми е милување
ѕвезденото небо ми е успивање.
Филип Димкоски