Необична промоција на најновата книга за деца на Александра Велинова
Она што како специфично на книгата ѝ дава дополнителна привлечност и убавина е интересно изнесеното запознавање на децата со богатството во разноликоста на флората на Малешевските Планини и ендемските видови што постојат овде, вели рецензентката на книгата, писателката Љубинка Донева
По неодамнешната промоција на Саемот на книгата во Скопје, најновата книга за деца на Александра Велинова, со наслов „На крилјата на самовилското коњче“, минатата недела беше претставена онаму каде што и беше создадена, под Црнодолскиот Водопад во Пехчево.
– Многу се радувам што самовилското коњче се врати онаму каде што се роди, кај Пехчевските Водопади, во Малешевските Планини. Не ни претпоставував дека нашата семејна авантура од пред две години ќе се преточи во книга што ја промовираме на изворот на инспирацијата – вели авторката Александра Велинова за нејзиното најново литературно остварување.
Извадоци од книгата со еколошки пораки драматизираа ученици од основното училиште во Пехчево „Ванчо Китанов“, под менторство на наставничката Оливера Ковачовска Кратевска.
– Она што како специфично на книгата ѝ дава дополнителна привлечност и убавина е интересно изнесеното запознавање на децата (а и возрасните) со богатството во разноликоста на флората на Малешевските Планини и ендемските видови што постојат овде – посочи рецензентката на книгата, наедно и промоторка, писателката Љубинка Донева.
Промоцијата ја организираа градската Библиотека „Кочо Рацин“ и Општина Пехчево, препознавајќи уметничка вредност во ова дело поддржано и од Министерство за култура и можност за промоција на Пехчево, кое има голем потенцијал за развој на туризмот.
– Ова не е обична сликовница, туку поучно дело и за родители и за деца, бидејќи праќа повеќе еколошки пораки за односот кон природата од која сме дел и нѐ запознава со ретките ендемски видови на Малешевските Планина преку автентични колор илустрации – изјави директорката на библиотеката, која беше и една од промоторките на книгата, Габриела Костадинова.
А во сликовницата на 25 страници со соодветни колор илустрации, љубопитниот Алексеј и самовилското коњче преку својата авантура ја запознаваат читателската публика со убавините на Малешевските Планини и ретките ендемски видови што се наоѓаат таму. Книгата има цел да ја поттикне и развие еколошката свест од најрана возраст и праќа силна еколошка порака: да внимаваме како се однесуваме во природата со животинскиот и растителниот свет, бидејќи сме дел од неа.
Прекрасните колоритни илустрации привлечни за детското око се на илустраторката Славица Купенкова, уредник на книгата е Михајло Маказлиев, кој е и компјутерски и графички дизајнер, лектурата е на проф. д-р Елизабета Бандиловска, а рецензентка е Љубинка Донева. Александра Велинова е новинарка, презентерка и членка на ДПМ. Има напишано неколку книги за деца, меѓу кои: „Бидејќи сум дете“, „Стефан во магичниот град“, „Стефан на прошетка со Ками во Египет“ и „Стефан во Дино парк“. М.Т.