Низ страниците на македонската литература за деца: „Слики од детството“ на Александар Кујунџиски

Детството веќе се поздравуваше со мене. Уште во летото пред да се запишам во осмо одделение почнав позасилено да размислувам во кое средно училиште би сакал да се запишам. Впрочем, таа размисла и разговорите на таа тема ги следат сите деца уште од најмала возраст. Па, и мене, уште кога тргнав во прво одделение, често ми го поставуваа прашањето: „Санденце, што ќе бидеш кога ќе пораснеш?“
– Глумец! – така најчесто гласеше мојот одговор.

Веројатно, понесен од филмовите што тогаш редовно ги следев, еден ист и по неколкупати, со „билет“ без пари, благодарение на тоа што мојот кум, кинопроекторот Павле, ме воодушевуваше со својата кинопроекторска кабина, и оттаму, преку едно мало прозорче, ги гледав сите проекции. Небаре сум бил кинопроекторски „асистент“.
Но, наспроти ова, јас не се запишав во „глумечко училиште“ (иако знам, такво средно училиште воопшто и не постоеше). А плус тоа, од таква професија веќе одамна бев „доброволно“ откажан.

Сакав да станам сликар. Нова, „позрела“ определба. И тоа не само онака, како моментално настроение, туку со текот на месеците и годините, таа моја желба сѐ повеќе нараснуваше во мене. Како шишарка што по снег ќе се стркала од бор самотник на врв на планина, па се тркала, се тркала по надолницата и постепено се претвора во грутка; во сѐ поголема и поголема; па прераснува во цела лавина; така и мојата желба за тоа училиште и за таа професија се зголемуваше и зголемуваше…
Сепак, мојата желба не стана лавина, иако одлуката донесена дома – „на повисоко ниво“ – ја затрупа мојата пламена желба.

А грутката?
Грутката ми остана. Таа се пресели на друго место, и таму остана долго. Се
задржа без да се стопи…
Родителското оправдување за мојот изостанок беше тоа што мојот постар брат веќе учи средно геодетско училиште во Скопје, па тие немале можност да издржуваат двајца ученици во далечен и „скап“ град.
И, така, се најдов меѓу клупите во гимназијата „Ацо Русковски“ во најблиското Берово, град во кој учев две години, сѐ до преселбата на моите родители во Куманово…
Не, стоп! Гимназиските денови и години, со следните селидби и со младешките згоди и незгоди, претставуваат веќе други слики…

П.С. И ден-денес, понекогаш, помислувам: да станев сликар – ех, колку многу слики со пејзажи би насликал, седнат некаде на вишинка во околината на родното место!
Но дали да се сфати како некаква утеха или како еден вид замена за таа неостварена желба – јас не се одделив премногу од сликарството… Зашто секој може да рече: па и писателите се „сликари“, само што вистинските сликари сликаат со бои, а писателите – со зборови.
Како доказ за тоа нека послужат и овие „Слики од детството“…


За авторот

Александар Кујунџиски е роден во 1946 година, во Пехчево. Работел како новинар во Информативната редакција на Радио Скопје, како и во Редакцијата за забавно-хумористична програма и во Редакцијата на емисии за деца. Од 1984 до 1990 г. бил уредник на списанието „Ловец“, а сега е самостоен уметник писател.
Како автор создава дела за деца и млади, но и за возрасни, и е еден од најплодните писатели. Пишува поезија и проза, драмски творби, раскази, сказни, бајки, брзозборки, пиеси, текстови за песнички, како и хумористично-сатирични текстови. Објавил два мини-романи за деца: „Мотошишарка“ и „Кој сака да биде космонаут“, а ги напишал и книгите за најмладите читатели: „Природо, љубов моја“, „Солитерски сказни“, Театарче клопатарче“, „Нека патува добрината“, „Кралот Ал со крпен шал“, „Зборчиња-изворчиња“, „Слики од детството“, а „Сакам книга“ досега е преведена на 11 јазици.
Добитник е на голем број награди, а во 2014 г. ја освои наградата на ДПМ за најдобра книга за деца, додека во 2016 г. ја доби и наградата „13 Ноември“ за целокупното творештво за деца и млади.