Нови книги за деца и млади: „Дневникот од штрковото гнездо“
од Киро Донев
„Дневникот од штрковото гнездо“ е најновиот роман за деца на познатиот македонски писател Киро Донев со илустрации на Славица Купенкова и со поговор на Ацо Ѓоргиев, а во издание на „Македоника литера“.
Приказната во романот се случува меѓу сонот и јавето. Се одвива во едно планинско село во кое кај своите баба и дедо доаѓаат две внучиња за да го минат летниот распуст. Еден ден, играјќи тенис, топчето малку посилно удрено одлетува во напуштено штрково гнездо. Дедото е принуден да им го симне „непослушното“ топче. И, токму од тука, почнува и нивната авантура. Покрај топчето наоѓа и една – училишна тетратка, која всушност е дневник на некое дете по име Добре Лошиот. За тој пишувач на дневникот со такво име и чудно презиме – дедото нема слушнато. За да го откријат авторот на дневникот, дедото и децата наизменично го читаат и откриваат дека тоа дете раскажува речиси неверојатни нешта. Но и загатката станува сè понерешлива…
Во поговорот Ацо Ѓоргиев пишува:
„Како и вообичаено, и овојпат Киро Донев настаните во приказната ги сместува во кругот на семејството, каде што е неминовна хиерархијата, посочувајќи му на детето читател дека сè во животот започнува и завршува со семејното огниште.
Стилот и јазикот, облеката на зборовите, хумористичната интонација и гледајќи на сè околу себе со очите на детето – Донев и овојпат како и многу пати пред тоа, од дело до дело, од книга до книга, се надминува себеси, внесувајќи нешто ново, што досега не им го кажал на своите читатели, па овојпат со ’Дневникот од штрковото гнездо‘, тој воведува нова игра што се одвива меѓу сонот и јавето…“
Киро Донев (1942, Моноспитово, Струмичко) е автор на педесетина книги за деца: романи, раскази, гатанки, повести, пиески, стихозбирки и сликовници. Тој е еден од најпопуларните и најчитани македонски автори, не само кај писателите за деца туку воопшто во македонската литература. За своето творештво е добитник и на неколку високи книжевни награди. Неколку негови книги се објавени во повеќе изданија. Негови дела се преведени на десетина јазици, тој е меѓу најпреведуваните македонски писатели за деца.