Во Гевгелија

Пoчна проектот „Врснички форум-театар против насилството во училиштата“, кој ќе го имплементираат здруженијата „Од станица до граница“ и „Рубикон“, во соработка со Општина Гевгелија.

Со проектните активности се третира проблемот на врсничко насилство во училиштата во општината, во насока на препознавање, превенција и постапување во однос на овој сериозен проблем. Планираните активности ќе дадат придонес кон создавање училишни средини без врсничко насилство и со унапредена меѓусебна толеранција и разбирање.

Со проектот се предвидува да се постигнат следните цели:
– Зајакнување на капацитетите на учениците во основните и средните училишта за превенција и справување со врсничкото насилство;
– Унапредување на компетенциите на наставниот кадар, психолошко-педагошкиот тим за детектирање, превенција и структуриран пристап во справувањето со врсничкото насилство;
– Јакнење на меѓусекторската соработка на сите вклучени институции во системскиот одговор на ситуации на врсничко насилство;
– Зајакнување на компетенциите на вклучените од училиштата за недискриминација по однос на пол и род при постапувањето во ситуации на врсничко насилство.

Во проектните активности ќе бидат опфатени 1.400 ученици од четирите основни училишта и од СОУ „Јосиф Јосифовски“ од Гевгелија, преку интерактивни едукативни работилници. Дополнително ќе бидат спроведени обуки на 245 вработени во образовниот процес – 230 наставници и професори (од кои 70 класни раководители) и 15 стручни работници (педагог/психолог). Во средбите за јакнење на меѓусекторската соработка ќе бидат вклучени десет претставници од државни институции.

Ќе се реализираат посебни обуки за наставниот кадар, интерактивни работилници со учениците, форум-театарска претстава за родители, ученици и поширока јавност и работна експертска средба со претставници од училиштата и горенаведените институции.

Првата работилница ќе се случи на 29 и 30 септември, со учество на раководните лица на училиштата и стручните служби, како и со претставници од Општина Гевгелија, Министерството за внатрешни работи и Центарот за социјална работа.
Проектот „Врснички форум-театар против насилството во училиштата“ се спроведува во рамките на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2, која е финансирана од Европската Унија, а ја спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП). Љ.А.