Се одржа третото издание на фестивалот на традиционална музика „СРМА“ во Кавадарци
Во предвечерието на празникот Св. Трифун, на 13 февруари, во домот на културата „Иван Мазов-Климе“ во Кавадарци се одржа третото издание на фестивалот на традиционална музика „СРМА“. Оваа манифестација паралелно се одржува во збратимените градови Кавадарци и Ковин, Србија.
Фестивалот е во организација на Центарот за култура од Ковин и ОМБУ „Лазо Мицев-Рале“ од Кавадарци, со поддршка на Општина Кавадарци. Ова трето издание на фестивалот понуди 14 прекрасни интерпретации на македонски и на српски народни песни и уште еднаш ја оправда идејата за негово организирање со цел да се негуваат традиционалната песна и фолклор и на најубав начин да им се пренесува на младите.
Фолклорниот ансамбл „Тиквеш“ имаше чест да го отвори фестивалот, по што следуваа песните: „Запевала сојка птица“, „Ој ти момче охриѓанче“, „Ораховцу башто рајска“, „Во влашкото маало“, „Жубор вода жуборила“„Ој Јано, Јано“, „Чије је оно девојче“, „Јовка кумановка“, „Густа ми магла паднала“, „Босо моме“, „Изгреала сјајна месечина“, „Бело вило“, „Седело ѓуре дос“ и на крајот круна на фестивалот беше изведбата на прекрасната македонска песна „Јовано, Јованке“ во заедничка интерпретација на сите учесници. Со еден збор, прекрасно издание на фестивалот „СРМА“ во Кавадарци, во кој блеснаа сите учесници со своите интерпретации, кои публиката несебично ги награди со бурни аплаузи. Ми.М.