Мојата азбука: Славица Танеска, уметница
А – Акварел, мојата омилена техника за сликање. Во 2017 година, на првиот светски фестивал за акварел во Обединетите Арапски Емирати, бев единствен избран претставник од Македонија. Во 2019-та имав самостојна изложба „Да заживее акварелот“. Денес многу мои помлади колеги се заинтересирани за оваа стара техника и ја користат во своето творештво.
Апстракција – нефигуративна уметност.
Б -Биенале, културна манифестација што се одржува на секои две години. Моето дело „5 минути до 12“ е избрано од стручната комисија да учествува на меѓународното „Биенале на млади“ (за уметници до 35 години) во Музејот на современата уметност во 2023 година. А претходно, во 2016-та, бев учесничка на „Остен биенале на цртеж“. Сон на секој ликовен уметник, па и мој е да учествувам на Биеналето во Венеција.
Бундески Томе – еден од најдобрите македонски скулптори!
В – Велес, град во кој за првпат освоив прва државна награда за сликарство на „Детските Рацинови средби“, и тоа како најмлад учесник. Тоа се повтори уште двапати, што е единствен случај на манифестацијата.
Г – Генијалци, ги има и кај нас, но треба да ги препознаеме.
Господ – сепак помага кога е најтешко.
Григор Прличев – македонски писател, името на моето основно училиште, Домот на културата во Охрид, каде што првпат имав самостојна изложба.
Д – Драги, името на мојот татко, кој е архитект што има проектирано и изградено многу цркви. Дизајн, дел од ликовната уметност. Другарство, кое треба да се негува обострано.
Ѓ – Ѓомлезе, специјалитет од охридскиот крај; ѓавол – подалеку од него; ѓум – стар бакарен сад за чување вода.
Е – Единство, така сме посилни. Едноставност, најтешко е да се биде едноставен; Европски универзитет во Скопје, мој нов креативен предизвик.
Ж – Живот, Жван и Железнец, села во Брсјачкиот крај
З – Злести, родното село на моите предци во Дебрца.
Зограф – сликар на фрески и икони.
Ѕ – Ѕвезди, ѕевгар, ѕуница. Ѕверови – ги има многу во македонските планини.
И – Идеја, идентитет: сите уметници со својата работа го градат својот и националниот идентитет. Изложби – досега имам организирано седум самостојни и 35 групни, покрај другото сум и иконописец. Илустрација – имам илустрирано повеќе насловни страници на книги и списанија, од кои ќе ја издвојам насловната страница на првиот број на „Колибри +“.
Ј – Јасност на јавно проговорен збор, да те разберат сите. Јарбол – го има на бродовите, а и знамето стои на него. Јазик – начин за комуникација, ги има многу, меѓу нив е и македонскиот јазик.
К – Колибри, списанието за деца што прво ме промовираше во национален весник. Културата е белег на нацијата. Колонии – сум учествувала на повеќе уметнички! Прекрасна можност за дружба на повеќе уметници на едно место, размена на искуства и знаења! Кокиче првиот цвет напролет.
Л – Ликовна уметност; Лазар Личеноски- основоположник на македонската модерна уметност. Лимон – кисел ама здрав, а лимонадата освежува налето. Листовите во есен прават најубави пејзажи.
Љ – Љубовта кон луѓето и природата те прави да бидеш подобар човек. Клучниот елемент за успех во животот, сè што се прави со љубов на крајот е успешно.
М – Македонија, земјата и културата од која јас потекнувам и која ја претставувам каде и да одам!
Марсо Марсоски – главниот јунак на мојот стрип, кој редовно излегува во „Колибри“, мајка, Марија – Богородица, и име на многу мои роднини и драги пријателки.Мозаик – сликарска техника на изработување слика со редење камен. Имам изработено повеќе мозаици, а најдраг ми е тој што го вградив во клуб-масичка за пиење кафе.
Н – „Нова Македонија“, првиот весник на македонски јазик.
Награди – имам многу, што ми покажува дека другите го вреднуваат она што го работам, но најголема награда е моето задоволство кога среќна излегувам од ателје!
Њ – Његош со неговиот „Горски Венец“ е најпознат црногорски писател.
О – Охрид, мојот роден град. Таму ги има најубавите заоѓања на сонцето. Град, убавина, историја и инспирација.
П – Перспектива, многу значајна во уметноста. Таа е виновна што исти работи од различен агол ни се гледаат различно!
Р – Раде, мојот дедо, познат просветен работник и ловец. Роденден – скоро ми помина. Работа – одберете ја професијата што ја сакате и нема да работите ниту еден ден во животот!
С – Светлана – името на мајка ми. Светлост – потребна е во уметноста, потребна и во животот! Слика е она што ќе го наслика сликарот – другото е фотографија, не е исто! Па и моето име е Славица, среќа, слава, сакана.
Т – „Траги на времето“, мојата прва авторска книга од областа на сликарството во која има 100 цртежи од градби во 50 брсјачки села во Македонија.
Татко, тврдина, творец. „Вечното танго“ – изложба на која традиционално учествувам.
Ќ – Ќерка, убаво е да се биде ќерка, а блазе си му на тој што ја има!
У – Упевче Славко, познат македонски сликар. Уметност, убавина.
Ф – Факултетот за уметност и дизајн во Скопје – таму почнува и завршува мојот работен ден како асистент.
Х – Храброст: да, храбрите ги следи среќата! Хармонија во уметноста, во музиката, во ликовната уметност еден од значајните ликовни принцип. „Во хармонија со природата“ – групна изложба што традиционално се организира на Денот на екологијата во галеријата „Ко- Ра“, на која многупати имам учествувано!
Ц – цветовите се белег на пролетта и инспирација на многу уметници. Цане Трпкоски – еден од македонските писатели за деца.
Ч -Чоре, Благоја Чоревски, еден од најпознатите македонски актери и мој пријател.
„Четирите мајстори на модернизмот“ – награда што ја доделува Факултетот за ликовни уметности на најдобрите дипломирани студенти од отсекот сликарство во чест на првите професори: Димитар Кондовски, Петар Мазев, Родољуб Анастасов и Душан Перчинков. Чест ми е што сум добитничка на оваа награда!
Џ – Џувалекоски Илија – бард на македонската глума. Џуџе, џин, џелат, џамлија.
Ш – Шега,убава работа, но да не се применува ако навредува некого. Штрба баба – тоа ти е баба без заби. Во Преспа има село Штрбово.
Младата уметница Славица Танеска е присутна на страниците на „Колибри“ и на „Нова Македонија“ уште откога учеше во ОУ „Григор Прличев“ во родниот Охрид, кое го заврши како ученик на генерацијата. Нејзините слики сѐ уште ги красат нашите простории, а веќе неколку месеци нејзиниот стрип за Марсо Марсоски го објавуваме во „Колибри“.
По завршувањето на средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“, отсек сликарски дизајнер, таа се запишува на Факултетот за ликовни уметности, отсек сликарство, при УКИМ, каде што дипломира со просек 9,6 и е добитничка на награда од универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ за најдобар студент во нејзината генерација 2020/2021. Од наставно-научниот и уметнички совет на Факултетот за ликовни уметности е добитничка на наградата „Четирите мајстори на модернизмот“. Исто така и вториот циклус на студии го заврши на Факултетот за ликовни уметности при УКИМ, со просек 10, со што стана магистерка по ликовни уметности, област сликарство, на неполни 24 години.
Досега има организирано седум самостојни изложби и е учесничка на пет меѓународни колонии и 35 групни изложби.
Славица четири пати учествувала на интернационалната уметничка колонија „Дебрца“, а еднаш на интернационалната уметничка колонија „Вевчански видувања“.
Од позначајните награди и признанија што ги добила, ги издвојуваме: признание за забележително учество од „Остен биенале на цртеж 2016“, признание од германскиот институт „Гете “, Танеска е единствен избран учесник на првиот фестивал за акварел во Обединетите Арапски Емирати во 2017-та, нејзино дело е избрано за изложување на меѓународното „Биенале на млади 2023“, кое го организира Музејот на современата уметност – Скопје.
Авторка е на книга „Траги на времето“, во која има 100 цртежи од градби во 50 брсјачки села. Исто така авторка е и на насловни страници на повеќе книги и списанија, меѓу кои: насловната страница на првиот број на списанието „Колибри +“, кое излегуваше во националниот весник „Нова Македонија“, насловните страници на книгите „Бело предено, црно ткаено“ и „Селото од сонот“ на Цане Трпкоски, насловната страница на книгата „Зелената месечина во очите на мајка ми“ на проф. д-р Наум Целакоски и други насловни страници на монографии. Нејзина слика се најде и во календарот на „Кроација осигурување“, со македонски етномотив.
Членка е на управниот одбор на здружението за заштита и промоција на културното наследство „Славеј зрак“ – Охрид. Исто така, за нејзиното творештво се снимени повеќе прилози од националните телевизии, кои се достапни на Јутјуб, како во и повеќе написи од весници и портали.
М.Т.