Почнува освојувањето нови знаења
Драги деца, иако долгото топло лето сѐ уште не ни помислува да си замине, повторно дојде времето за одење на училиште. Веројатно се чувствувате возбудено и можеби малку тажно дека летниот распуст заврши, а некои деца се чувствуваат нервозно или малку исплашено9 на почетокот на учебната година поради сите нови работи што ги очекуваат: нови наставници, нови пријатели и можеби дури и ново училиште. За среќа, овие „нови“ грижи поминуваат брзо и лесно и наскоро сите ќе се вклопите во новата шема.
Веројатно најубавиот момент за сите вас е можноста што повторно ќе се видите со другарите од одделение и секако со наставниците, кои и годинава ќе се потрудат да ви пренесат знаење. Тука е и членувањето во спортските клубови и секции, одењето на курсеви по странски јазици и сѐ друго што носи новата учебна година.
Можеби ќе го смените и местото на седење во некој нов кабинет, доколку сте во повисоките одделенија, а може да стекнете и ново пријателство со ученик што образованието ќе го продолжи во вашето одделение.
На почетокот на учебната година поубаво ќе се чувствувате во новите патики, кои допрва ќе го „научат“ патот до училиштето, новиот ранец и прибор за пишување, а за учебниците ќе се погрижи училиштето, или би требало да биде така. Но чувајте ги, затоа што, по вас, и други деца ќе учат од нив.
Се разбира, ќе добиете и распоред на часови и известување за сѐ што треба да набавите, па направете го тоа заедно со родителите, за да можете подготвено да се вклучите во новата учебна година.
Во некои училишта има униформи, за кои исто така треба да се грижите, но и покрај тоа можете да блеснете со нова фризура, алка или часовник, со кои ќе ги покажете својот стил и индивидуалност, што ќе го дополните и со новиот ранец или спортска торбичка на часовите по физичко.
Ако патувате до училиштето, времето не користете го за играње на мобилниот, туку читајте некоја интересна книга или проверете го своето знаење по некој предмет, а на почетокот тоа може да биде и вашето омилено списание.
Но, што и да ставите во ранецот, сторете го тоа навечер, за да не ве фати паника наутро што попрво да направите: дали да се миете, облекувате, појадувате или да го полните ранецот.
Е, кога сме веќе кај појадокот и ужинката, избегнувајте ја брзата храна, хамбургерите, чипсовите и слично. Времето сѐ уште е топло, а и самите слушате дека брзата храна понекогаш може да биде и многу опасна. Многу подобро е да си направите сендвич од дома или да купите кроасан или друг вид печиво за појадок. За ужинка добро ќе ви дојде некое овошје или чоколадо, но во умерени количества. Но никако не прескокнувајте го појадокот, зашто ќе ви даде енергија во текот на периодот додека сте на училиште и полесно ќе следите и ќе паметите што зборуваат наставниците.
Во бележникот запишете ги поважните работи, тоа ќе ве потсети ако нешто заборавите да направите за утрешниот ден.
Секогаш имајте на ум дека новата учебна година е нов почеток, па затоа можете веднаш да се потрудите дневникот да го украсите со убави оценки, да создадете нови пријателства, да откриете некои свои скриени афинитети…
Сетете се дека најмногу што ќе се бара од вас е да дадете сѐ од себе, па направете го тоа, кога веќе имате шанса на сите да им покажете што сѐ знаете и умеете!
М.Т.
Ако не разбирате нешто, прашајте
Еве неколку совети за добар почеток на новата учебна година,
која почнува задутре:
– бидете наспани и одморени, останувањето до доцна оставете го за
викендите
– јадете здрава храна, која дава енергија и заситува
– потрудете се да не заостанете уште на почетокот на првото полугодие во совладувањето на материјалот
– пишувајте ги домашните задачи навреме
– ако не разбирате нешто, прашајте го наставникот
– зачувајте ја смислата за хумор и не лутете им се на другите
– ако некој соученик побара помош од вас, излезете му во пресрет