Трето полувреме на обидите за асимилација

На долгиот пат кон ЕУ и мноштвото бугарски сопки и пречки што нѐ очекуваат на него, нема да биде чудно ако во скоро време и спортскиот дел стане тема на расправа со Бугарија. Ако може да се прекројува, да се брише и да се допишува историјата,
географијата, ако може да се менуваат учебниците, ако може окупаторот да стане
ослободител, можеби следна фаза е спортската историја. Впрочем, бугарски обиди за
извитоперување и преиначување на историските факти и вистината и досега имало на спортски план. Очигледно бугарското трето полувреме на асимилација на сѐ што е македонско како никогаш да не завршило

Можно ли е еден ден македонските спортист(к)и, освојувач(к)и на врвни медали на најголемите светски натпревари, како што се Летни олимписки игри, светски и европски првенства, заеднички да се споменуваат и слават како по пример на споделената историја што ја наметнува Бугарија и нејзините обиди за целосна асимилација и побугарување на сѐ што е македонско? Изгледа смешно, будалесто, нелогично, но имајќи предвид сѐ што ни се случува во последно време со и околу преговорите, протоколот за соработка, или како веќе се нарекува, со источниот сосед, нема да биде изненадување доколку во некој член, потчлен од тој фамозен протокол, меѓу редови, се провлече и побара и некој нов ваков апсурд. Објаснувањето би било во стилот, јасно е дека и тоа се подразбира, бидејќи ако веќе се откажуваме или ги делиме револуционерите што ги дадоа животите за независна Македонија, културните и други дејци што мечтаеја за слободна Македонија, ни се краде и присвојува историското, културно и народно наследство, се препејуваат македонски песни и се преименуваат како бугарски, зошто тогаш и спортист(к)ите да не влезат во истиот тој асимилаторски кош!

На вакви размисли наведуваат најновите бугарски провокации, поточно агитации во Албанија (со нудење државјанства, пасоши, па и пари), со цел македонското малцинство во Пустец и во други погранични делови со Македонија да се изјасни како бугарско на изборите! А мнозинството од тие луѓе немаат никакви допирни точки со Бугарија, ниту кога било имале поблиски врски во неа, камоли потекло. Нејсе, и ова не е некое големо изненадување, бидејќи македонската политичка гарнитура доброволно се откажува од македонските корени за наводна „блескава иднина“ во Европската Унија, која, од друга страна, воопшто не нѐ есапи. Дури има и такви што договорот со Бугарија го сметаат за најголем успех на дипломатија, иако на поголемиот дел од македонскиот народ му се темни и самото спомнување на договорот, камоли деталите од него.
Цар Самоил, Свети Кирил и Методиј, Климент и Наум, Гоце Делчев, Даме Груев, Јане Сандански, Крсте Мисирков, Григор Прличев, браќата Миладиновци, Илинденското и други востанија, се дел од долгата листа дејци и настани што Бугарија сака да ги присвои и побугари! Веројатно би посегнале и кон Александар Македонски, но се двоумат со тоа да не се замерат со Грција.
Затоа на долгиот пат кон ЕУ и мноштвото бугарски сопки и пречки што нѐ очекуваат на него, нема да биде чудно ако во скоро време и спортскиот дел стане тема на расправа со Бугарија. Ако може да се прекројува, да се брише и да се допишува историјата, географијата, ако може да се менуваат учебниците, ако може окупаторот да стане ослободител, може следна фаза е спортската историја. Впрочем, бугарски обиди за извитоперување и преиначување на историските факти и вистината има и на спортски план.

Доволно е да се спомене филмот „Трето полувреме“, инспириран од вистински настани за време на бугарската окупација на Македонија во периодот на Втората светска војна. Станува збор за историска драма во која се говори за судбината на Евреите во Македонија, за фудбалот, за екипата на Македонија, симболот за македонската борба и непокор. Се раскажува и за натпреварот Македонија против фаворизираниот бугарски Левски. Тој контроверзен меч, игран пред 6.000 гледачи, кои се крајно антибугарски настроени, ќе биде прекинат. Македонија ќе триумфира во шампионатот, но титулата ќе ѝ биде одземена. Реакциите на официјална Софија беа дека филмот е обид да се манипулира со балканската историја, иако сценаристот и режисер на филмот во повеќе наврати повтори дека работејќи на него користел информации, факти и податоци што може да се проверат во светските архиви. Но за Бугарија тоа не е важно. Во својата негаторска и асимилаторска политика кон Македонија таа се раководи само од еден центар, од живковистичката, анахрона и отфрлена идеологија.
Сево ова повторно може да ни се случи. Нам ни е добро позната бугарската политика кон Македонија и Македонците, со непризнавање на јазикот и што сѐ не, со прекројувања, кратења на имиња и презимиња.

Дека на балканските простори не недостигаат вакви расправии кој каде припаѓа е доказ онаа во Хрватска за Никола Тесла, инаку етнички Србин. Тој наводно е Хрват само затоа што е роден на територијата на сегашна Хрватска, тогаш во рамките на Австро-Унгарија. По таквата логика, и Австрија, можеби и Унгарија, има право на Тесла!
Декларативно политиката и спортот се одвоени, но насекаде во светот, тие блиску коалицираат и одат рака под рака. Без државна помош и пари, нема организација на големи настани, нема спорт, тоа е јасно. Од друга страна, спортист(к)ите и порано, а уште повеќе во сегашни услови на мас-медиуми се најдобрите и најголемите амбасадори на секоја земја. Франција, Велика Британија, скандинавските и други земји се гордеат со постигнувањата на нивните спортисти што потекнуваат од земјите на бившите колонии, од Африка, Азија итн. Земјите, пак, од кои тие или нивните предци доаѓаат не ни помислуваат да ги сметаат за свои. Споменуваат од каде се, што се, и толку.
Но во случајот со Бугарија, сѐ е можно. Па, дури и асимилација на спортистите. Исто како што имаше обиди да се претстави дека и во политиката има македонски политичари со бугарски пасоши итн. Очигледно бугарското трето полувреме на асимилација на сѐ што е македонско како никогаш да не завршило.

[email protected]