Светот во кој живее никогаш не бил, а особено сега не е совршен. И, како по правило, најчесто страдаат невините, најмалите, назаштитените, а тоа се децата. Во миговите кога многу момчиња и девојчиња во Газа, Украина и на многу други места на планетата се борат за својот живот, занемени пред страшните слики околу нив, нашата порака за похуман и поправеден свет ја испраќаме преку стихови. Објавуваме песна од познатата македонска писателка за деца и возрасни Бистрица Миркуловска и творби апели на ученици од цела Македонија
Стихови за похуман свет
Детството не е
само нежност и љубов
Има ли дете
а да не ронело солзи
кога било навредено грубо?
– Детството
не е само нежност и љубов!
Има ли дете
а да не знае за страдни,
за родители без работа,
за бездомници,
напуштени, гладни,
за питачиња со спружена
дланка,
за злоставувани од „татко“
и „мајка“,
за алкохол, дрога, зарази лоши,
за убијци, мафијаши и кодоши,
за блиски и далечни боишта,
за масакри и масовни гробишта,
за бегалски логори и енклави,
за полиња со нагазни мини,
за авиони што како ранети
птици паѓаат од небото сино,
за земјотреси – помории
што уриваат и села и градови,
за циклони, оркански бури
што голтаат сѐ пред себе,
за отровни кисели дождови,
за смог, за пеплосано небо,
за озонска дупка,
за насилства врз деградираната
Мајка планета…
Има ли, има ли дете
а да не запрашало:
– Зошто неправда ми сториле
и врсниците и возрасните?
Зошто ме замолчиле
кога сакав нешто да речам?
Многу знам и многу гледам,
а морам малку да слушам…
Болките болат и печат
во детската душа.
Бистрица Миркуловска
(Од книгата „Лице и опачина“)
Желба на секое дете
Имам желба мир насекаде
да царува,
секое дете на детството
да му се радува.
Насмевка топла лицето
да му го краси,
без разлика на вера,
нација и раса.
Слободата секој за дар да ја има,
во срцето да носиме топлина,
секому да му подадеме рака,
да градиме другарство без мака.
Љубов да шириме
искрена, чиста,
да имаме мисла,
како вода бистра,
рака со почит да си пружиме,
убаво е кога весело се дружиме.
Светот да биде пријатно место,
гнездо на мир и слога
да градиме вешто,
тоа е мојата желба – ете
но, и желба на секое дете.
Вања Јанева,
деветто одделение
ООУ „Славко Арсов“ – Штип
(Од алманахот на детскиот
литературен фестивал „Ракатки 2017“)
Овој свет сакам
подобар да е
Мојата желба нека се знае
овој свет, сакам подобар да е!
Несреќата и себичноста
кај луѓето
тажна ме прави.
Секој ден сонувам
на тоа крај да му се стави.
Потребно е сите ние
во слога да живееме,
заедно да другаруваме.
Да пееме и да се смееме.
Да бидеме хумани,
секому помош да му нудиме,
за да станеме подобри личности -постојано да се трудиме.
Во овој суров свет
многу луѓе страдаат,
па затоа е неопходно помош
од другите да бараат.
А, ретко ќе се пронајде
добра и совесна личност,
која на тие што се во мака
ќе биде подготвена
да им пружи рака.
Но, добрината секогаш
треба да биде наша цел
и во нашето постоење
да е бесценет дел.
Јована Симоновска,
седмо одделение
ООУ „К.Ј. Питу“ – Скопје
(Од алманахот на детскиот
литературен фестивал
„Ракатки 2019“)
Биди хуман
Биди другар
подади рака
биди хуман
секое дете љубов сака.
Многу деца низ светот
гладуваат и немаат на што да се радуваат.
Многу тага во светот има,
а најлошо им е во студена зима.
Зар не е убава желбата
во светот секогаш
да има веселба,
да има љубов, игра,
децата да се смеат
и нежна топлина
од срце да леат.
Биди хуман и помогни децата да бидат среќни,
насекаде низ светот да блеска сончев сјај,
да дојде крај на нивните солзи
и да им биде животот како во рај.
Даниел Николовски,
петто одделение,
ООУ „Гоце Делчев“-Тетово
(Од алманахот на детскиот
литературен фестивал
„Ракатки 2019“)
Ќе има ли надеж
за среќно детство?
Имам желба да живеам во свет полн со детски сништа и фантазија. Свет во кој ќе нема војни. Свет во кој нема да има делби на децата според бојата на кожата и националноста.
Дали може моите соништа да станат реалност? Дали може да се избришат секоја детска тага и солзите на тажните детски лица?
Ајде, да се здружиме! Ајде заедно да ја намамиме насмевката на секое детско лице, да ги растрепериме сите детски срца и да ги разиграме нивните мали очиња. Со нашата мисла да го обиколиме светот, поздравувајќи ги сите што ќе ги сретнеме. Ајде, другарски да се сакаме и да испратиме рој желби во вселената. Колку ѕвезди – толку соништа.
Имам желба за среќни детства во целиот свет. Имам желба за свет во кој ќе нема ни глад ни студ, свет во кој децата нема да останат без родители, без домови и топли креветчиња во кои ќе сакаат да се нурнат секоја вечер и под топла перница да сонуваат.
Свет во кој детето ќе живее спокојно, знаејќи дека утре ќе изгрее повторно сонцето, кое ќе му се смее и ќе го милува со топлите зраци. Децата да не се боси! Секое дете да има чисти алишта, обувки и шарени чорапи. Секое дете да се школува и да стекнува нови другарчиња. Тогаш, конечно, животот во страв ќе заврши.
Детето ќе се чувствува прифатено и ќе знае дека е на вистинското место. Нема да е отфрлено.
Се надевам дека свеста ќе надвладее и дека ќе има надеж за поубаво и посреќно детство на моите другарчиња во светот.
Возрасните ќе го слушнат гласот на децата, а мојата желба ќе се исполни.
Македонка
Митева, петто
одделение, ООУ „Гоце Делчев“
– Василево
(Од алманахот
на детскиот
литературен фестивал
„Ракатки 2017“)