Повеќе од јасно е дека идентитетот на еден народ не се гради само со тоа што некој ќе го нарече јазикот македонски, бидејќи тој јазик несомнено го говори народ што има сопствена историја и култура, кој пред себе мора да ја носи националната одредница, оти во спротивно нејасно е на кого воопшто се однесува. Можеби затоа претседателката на ЕК говори за некаков „посебен идентитет“ оти ниту самата не знае како веќе да го нарече овој народ тука, кој последните пет години е предмет на идентитетски инженеринг од сите страни

Идентитетскиот инженеринг врз
македонскиот народ продолжува
со различни форми и методи

Инсистирањето на уставните измени и впишувањето на Бугарите во македонскиот устав е докомплетирање на сценариото започнато пред пет години, а чија основна цел е создавање нов посебен македонски идентитет, поинаков од досегашниот.
Имено, најпрво со потпишувањето на Договорот за пријателство и соработка со Бугарија во 2017 година, со кој се договори заедничка историја, потоа со Преспанската спогодба, со која се додаде географска одредница на името на државата, всушност се отвори патот за креирање нов идентитет на македонскиот народ, за некои „северномакедонски“, за други „посебен“.
Уверувањата од државниот врв дека македонскиот идентитет е загарантиран почнуваат да се уриваат како кула од карти, најпрво со сè позачестената употреба на терминот „северномакедонски“ во разни пригоди, кои најпрво беа лапсуси, потоа инцидентни, за повеќе никој и да не ги коригира „ненамерните“ грешки.
– Со нетрпение очекуваме да ви посакаме добредојде вам, на вашиот посебен идентитет и на вашиот јазик, македонскиот јазик – наведе Фон дер Лејен, изразувајќи задоволство што нејзината турнеја низ земјите од Западен Балкан во следните три дена ја започнува токму од Скопје.

Она што веднаш паѓа во очи и што е далеку од некаков лапсус, тоа е именувањето на македонскиот идентитет со терминот „посебен идентитет“, што јасно говори дека не станува збор за македонски, туку за идентитет што кореспондира со новото име на државата и новата историска нарација што ја спакува Бугарија. Терминот „посебен“ често се однесува и на добивање „посебен статус“, особено кога станува збор за некоја конфликтна област. Во нашиот случај „посебниот статус“ ќе трае додека не се утврди новиот, кој веќе се подготвува во некои центри на моќ.
Повеќе од јасно е дека идентитетот на еден народ не се гради само со тоа што некој ќе го нарече јазикот македонски, бидејќи тој јазик несомнено го говори народ што има свој етнички предзнак, сопствена историја и култура, кои исто така мора да имаат национална одредница, оти во спротивно нејасно е на кого воопшто се однесува. Можеби затоа претседателката на ЕК говори за некаков „посебен идентитет“, оти ни самата не знае како веќе да го нарече овој народ тука, кој последните пет години е предмет на идентитетски инженеринг од сите страни.
– Сè додека не се раскине Преспанскиот договор, ние ќе останеме „Република Северна Македонија“ и нашиот национален идентитет ќе биде соодветно модифициран, така што целиот свет ќе ја употребува вештачката кованица „северномакедонци“ односно „северномакедонска“, или некои други кованици – вели професорот по меѓународно право Игор Јанев.
Тој смета дека со потпишувањето на Преспанската спогодба, Македонците се откажале од правото на националната самоидентификација и самоопределување.
– Идентитетот што произлезе од договорот од Нивици е суштински спротивен на основните елементи на сувереност и всушност претставува негова негација – посочува Јанев.
Негово мислење е дека станува збор за остварување на крајната цел и намера на меѓународните партнери, дефинитивно бришење на Македонците како народ, што се потврдува и со изјавите за време на посетите на странските политичари, кои или нè ословуваат како „северномакедонци“ или воопшто не нè ословуваат како Македонци, за сега да споменат дека имаме „посебен идентитет“.
– Секој веќе мора да биде свесен дека нивната цел беше и останува непроменета – да се разнебитат Македонците и да се тргне еднаш засекогаш тоа вековно балканско јаболко на раздорот. Зошто, инаку, би се прекрстувала државата – прашува Јанев.
За професорот нема никаква дилема дека станува збор за класичен етноцид и идентитетски инженеринг, кој може да се спречи единствено со раскинување на договорите со Бугарија и со Грција.

Зошто Урсула фон дер Лајен ни носи недефиниран „посебен идентитет“, кога ние имаме точно определен – македонски