Тити, која денес живее во Израел и нејзините спасители Александар Ацо и Блага Тодорови

Ацо и Блага Тодорови се моите родители и јас ним им го должам животот. Тие ме спасија, а Скопје е мојот роден град, тука учев и имав многу другарки во одделението… Кај Тодорови останав до мојата 10-та година, а потоа во 1948 година заминав во Израел, но нив никогаш не ги заборавив, вели Еврејката Тити, која сега живее во Израел

Писателот њи пред 60 години во песна ја опеа судбината на малата Еврејка Тити

Писателот Васил Куноски пред 60 години ја објави песната посветена на спасеното еврејско девојче Бенвенита Бехар-Тити од Скопје. Песната со децении се рецитираше на училишните приредби, а стана дел и од училишната лектира во нашите основни училишта.
Дотогаш само во песната „Рашела“ од писателот Гого Ивановски се опишуваа судбината и трагедијата на македонските Евреи, нивното откорнување од оваа земја и нивното трагично погубување… Но по диктат на поетскиот набој и инспирација од соочувањето со вистинската судбина на спасеното скопско еврејско девојче Бенвенита Бехар (Бети) Тити, Васил Куновски (1916-1993) напиша и ја објави во 1960 година песната посветена на нејзиното спасување. Песната ја објави во својата книга „Претпразнични вечери“, во која се објавени уште четириесетина творби посветени на борбата и на слободата.
Кога пред многу години правев интервју со писателот Васил Куноски, меѓу другото, го прашав да ми каже нешто повеќе како настанала песната посветена на спасеното еврејско девојче во Скопје.
– Кога во 1945 г. почнав да го уредувам весникот на пионерите, учениците во Македонија, сѐ уште беа многу свежи сеќавањата за откорнувањето и уништувањето на нашите соседи и сограѓани Евреи во Скопје. Трагите беа тука, празните еврејски куќи, штамата што владееше во скопското еврејско маало стационирано под Калето, но и многуте убави спомени за многу Евреи што повеќе не се вратија во градот на Вардар, во Скопје. Значи темата беше епски голема – уништувањето на еден цел народ, а пораките, пак, што произлегуваа од нивното уништување во логорот во Треблинка – универзални, никогаш да не се повтори вакво нешто на светот. Значи, никогаш да не се случи таква инквизиција врз еден народ – ми рече тогаш Васил Куновски.

Игра на судбината

Но случајот сакал да биде и „игра на судбината“. Имено, во истата куќа и на истиот кат (врата до врата) живеел писателот Васил Куноски со своето семејство, но и спасителот Александар-Цане и неговата сопруга Блага Тодоровски, кои ја скриле Тити да не ја одведат во логорот во Скопје. Тие го спасиле еврејското девојче и тоа било искра и повод писателот да се инспирира за да ја напише песната, ставајќи го нејзиното име – Тити.
Како дошло до тоа? Александар Ацо Тодоровски пред и за време на бугарската окупација бил ортак во дуќанот со Арон Бехар, син на хахамот Моше Бехар, познат и авторитетен скопски Евреин. На Арон и на сопругата Ривка во 1939 година им се родила ќерката што ја крстиле Бенвенита Бехар (Бети) Тити. Наспроти нив, Александар и Блага стапиле во брак во 1941 година, но немале деца па малата Бети-Тити, им била домашна миленичка, која постојано престојувала во нивниот топол дом, исполнет со љубов кон неа. Тити често останувала на спиење кај нив… Точно тоа ја спасило во онаа кобна ноќ на 11 март 1943 година, таа преспала кај Тодорови кога од куќите насилно ги ваделе и собирале скопските Евреи и ги одвеле во Монополот, привремено направен логор. Може да се каже дека само по игра на случајот (значи девојчето преспало кај Тодорови) малата Тити се спасила и го преживеала трагичниот крај на своите родители и на другите Евреи.
– Ацо и Блага Тодорови се моите родители и јас ним им го должам животот. Тие ме спасија, а Скопје е мојот роден град, тука учев и имав многу другарки во одделението… Кај Тодорови останав до мојата 10-та година, а потоа во 1948 година заминав во Израел, но нив никогаш не ги заборавив. Како може да се заборават спасителите. Јас живеам во Израел со своето семејство, но често доаѓам во Скопје, додека беа живи Тодорови да си ги видам спасителите родителите и да им се порадувам, а кога им се роди синот тој стана мој брат. Така го чувствувам тоа и денес… – се сеќава Тити.
На нашето прашање што мисли за песната на писателот В. Куноски, посветена на неа, таа вели:
– Бидејќи нашите две семејства, на писателот Васил Куноски и моето – на Тодорови, живеевме во иста куќа и на истиот кат (врата до врата) јас многу, многу често си играв со двете ќерки на Куноски, што кај нив, што кај нас дома. Подоцна дознав дека писателот во повеќе наврати разговарал со Александар Ацо за моето спасување, а се чувствуваше задоволен и радосен така гледајќи нѐ во игрите со неговите ќерки. Оттука, мислам како резултат на сето тоа, а пред сѐ од сведочењето, низ годините тој доволно се инспирирал и ја напишал песната за мене. Песната за Тити… Искрено речено, прво исклучително многу сум му благодарна за неговиот литературен подарок – песната, тоа при првата средба му го реков и му се заблагодарив на писателот Васил Куноски, но исто така ми беше мило, кога ќе ми кажеа дека во училиштата се рецитира песната за мене. Иако живеам во Израел, сепак, велам дека јас имам две татковини: Македонија и Израел и двете еднакво и со иста љубов, ги сакам. Спомените за Скопје и за Македонија, секогаш се силно присутни во мене, затоа често доаѓам тука, на изворот од моите детски спомени во Скопје, но и да се потсетам на татковиот имот што барам да ми се врати вели Тити.

Втора мајка

Нејзината втора мајка – спасителката Блага, по испраќањето на скопските Евреи на 11 март 1943 год. да бидат погубени во логорот на смртта Треблинка, смислила многу убав одговор кога соседите или пријателите ќе ја сретнеле како за раче го води девојчето со себе на прошетка или да купат нешто и ќе ја прашале чие е девојчето.
– Бидејќи немаме повеќе години свое дете, си го посвоивме девојчево од едно семејство. Знаете, не се живее сам, вака барем си имам дружба додека маж ми Ацо по цел ден е на работа во дуќанот… – одговарала Блага.
Дека литературата е најтежок занает, најдобра потврда за тоа толкување наоѓаме во песната „Тити“ на Васил Куноски, посветена на Бенвенита Бехар, која носена со години, се родила како вулкан во поетовиот глас, а кога беше напишана и објавена во 1960 година, во неговата осма збирка песни „Претпразнични вечери“, на посебен начин покажа и докажа дека судбината на многуте македонски и скопски Евреи, стана препознатлив вознес на животот. Меѓу другото сведок за тоа е песната за спасената Бехар, односно Тити, која има две татковини и две еднакви љубови, за македонскиот и за еврејскиот народ, тука и таму!      Мишо Китаноски


Тити

Ги одвеле негде
и мајка ѝ мила,
и татко ѝ драг!
Тогаш војна била,
тогаш в огној горел
секој роден праг.

Дента – одвеле многу
(оти Евреи биле!)
Неа, малата Тити
добри луѓе ја скриле.

Лежела в темнина таа
четири години редум,
кога видела сонце
имала веќе седум.

Денес Тити е мома,
висока стројна ела,
домот нејзин е широк –
земјава наша цела.

Васил Куноски