Преку континуираното учење стануваме правични, го почитуваме и го цениме трудот на другиот, имаме богато, среќно и позитивно секојдневие, вели Аида Петровска

ОД МОЈ АГОЛ: Аида Петровска, наставничка по физика во ООУ „Димитар Миладинов“ – Скопје

По тримесечната работа од дома, со учење, поучување, размена на искуства и идеи за организирање и спроведување на настава на далечина, созревав и учев заедно со моите ученици, а имам и чувство дека сме ги замениле улогите. Се трудев и работев материјалот што треба да го совладаат да им биде разложен, поедноставен, поприфатлив, а од нив очекував само да се навремени бидејќи сегашната ситуација овозможи и обврските да се сведат во помал обем, но да бидат доволни за да се оттргне вниманието од секојдневието, а наедно ќе ни се исполни денот со нешто креативно.
Во овој период направивме богата збирка на видеоматеријали од домашни експерименти „Наука во нашето секојдневие“. Како на училиште така и при учењето од дома, исполнителните ученици вредно работеа и веќе од 15 мај можеа да уживаат во плодовите од својата работа. Некои погрешно го разбрале карантинот, па се оддалечиле од дома, како што велат, во викендичките интернетот им бише послаб и ретко се слушавме. Можеби на многумина тоа им беше изговор што не знаеја како да ги доставуваат домашните задачи и задолженијата, но пополека и тоа го совладавме во од.

Ова време беше идеално за создавање самоувереност и самокритичност, карактеристики што се најважни за понатаму, во потрага за нови информации, за своите интереси и за самиот себе. Некои ученици успеаја во тоа, но некои беа спречени од возрасните,кои ја зафатиле нивната улога.
Незамисливо е да живееме без потреба да учиме, а учењето не се случува исклучиво во училиштата и во училишните клупи.

Без континуирано учење нема напредок ниту приспособување кон ситуации, средини и предизвици.
Преку континуираното учење стануваме правични, го почитуваме и го цениме трудот на другиот, имаме богато, среќно и позитивно секојдневие. Не натажуваме ниту повредуваме некого. Со своите дела ги мотивираме оние што се зад нас, но не им правиме сопки на оние што се пред нас.

На 14-годишна возраст учениците треба да се личности што знаат што им се допаѓа, во што се добри, а и како да учат.
Осознавајќи се себеси, се радуваат и на туѓи успеси, ги поддржуваат и им помагаа на другите, но не им е сеедно кога ќе се најдат во неправична средина или ситуација, кои се сѐ почести.
На сите им посакувам многу здравје, радости и поголеми успеси во наредната година, а на полуматурантите им посакувам да продолжат таму каде што ќе бидат најполезни и најуспешни.