Во новиот салон на галеријата „Ко-Ра“, во домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје, во тек е изложба со која детскиот културен центар „Карпош“ од Скопје го прославува јубилејот – 30 години меѓународен детски фолклорен фестивал „Оро без граници“. Изложени се фотографии на кои се претставени членовите на ансамблот од повеќе генерации во традиционални носии од повеќе региони на Македонија. Овој проект вo организација на ДКЦ „Карпош“ е поддржан од Град Скопје.
Интересен е податокот дека директорката на ДКЦ „Карпош“ е една од најстарите членови на ансамблот, каде што членува од најраното детство.
Оваа изложба има и архивско значење, а ги поврзува уметностите преку запазувањето на традицијата на танцот, музиката, носиите, вечно инспиративни и толку сугестивни во својата изворна автохтона убавина, која ја дополнуваат и употребните предмети што носат патина и носталгија на едно далечно време и будат инспирација за запазување на вредностите и во ововременото и урбано живеење и навраќање на изворите што будат милозвучност, носталгија и вечен копнеж, кој се чувствува особено кај генерациите што се далеку од огништата и од зародокот на традицијата кога се далеку во дијаспората – истакна Виолета Калиќ на отворањето на изложбата.