Илустрација: Игор Јовчевски

Во „Колибри“, како подарок за сите деца, ексклузивно ја објавуваме серијата „За секоја буква приказна“ во 31 продолжение, на писателот Владо Димовски. Приказните се дел од проектот на издавачот „Арс ламина“ – „Изградување на изговорот, говорот и јазикот кај децата и возрасните“

Приказнарот:
Ж… Ж може да биде, може да биде… може да биде жаба. Ж како крастава жаба. Ви личи Ж на желка, а?… Добро, а на жирафа? Жените во селото Журче кога ќе речат жжжжжжжжж, сите желби им се исполнуваат. Во селото Живојно живее еден Живко што знае две приказни за три жирафи. Мене ми ја раскажа втората. Толку како за почеток. А, сега ајде да внимаваме и сите зборови што почнуваат на буквата Ж да ги заклучиме во нашите главчиња, не за друго, туку за да не ни избегаат. Кога ќе заврши приказната заедно ќе ги отклучиме.

Приказнава е стокмена за една жирафа и за една желка од селото Журче. Сега ќе се прашате од каде жирафа во Журче кога жирафите живеат во Африка. Но како што вели приказната некогаш, многу, многу одамна во полето под Журче имало многу жирафи. Една од нив, убавата Жу немала пријателка жирафа, туку се дружела со желката Жужу. Жу и Жужу наутро си ги миеле лицата на блиската река, а навечер уживале во песните на големиот хор наречен Жабурнак. Членови на хорот биле најталентираните, најмузикалните жаби од Журче. Напладне, кога било најжешко, си муабетеле седнати под сенката на една жална врба. Од убаво, поубаво. Ама, се случило тоа што се случило. Во Журче фатиле големи жештини и сѐ почнало да се суши. Реката станала поточе, барата од која пееле жабите – вирче, зеленилото се пеплосало и за јадење не останало ништо. Животот во Журче станал пекол. Секој ден сѐ полошо и полошо. Но, драги мои, во лошото секогаш има и нешто арно. Еден ден желката Жужу погледнала во небото, гледала во небото и, кај високите дрвја, најгоре, видела нешто зелено. Се подизрадувала желката, ама и не се израдувала. Да ѝ каже на жирафата, на Жу… што ќе ѝ каже кога зелените листови биле најгоре, што се вели в небо. Знаела дека никој не ќе може да ги стигне. Велат во мака се познаваат јунаците и решила желката да ѝ каже на жирафата за чудото што го видела.
Жу, пријателке, жити животот, обиди се да стигнеш барем неколку листа од дрвоно, онде!

Ги видов и јас, само си молчев. Драга Жужу, како да ги стигнам кога вратот ми е краток и…
Ама, драги мои, животот ќе ве научи на сѐ.
Решив да пробам! – подвикнала жирафата.
Е па, со среќа, пријателке Жу! – му вратила желката.

Денес вратот истегни го, утре вратот истегни го, со денови вратот тегни го и жирафата ги стигнала зелените сочни листови. Толку многу ѝ се истегнал вратот, та можела да ги дофати листовите и на највисоките дрвја во Журче. Еее, кога виделе што прави Жу и другите жирафи почнале да вежбаат тегнење на вратовите, та тегнењето станало мода во Журче. Сега знаете зошто жирафите имаат долги вратови, а? Знам дека знаете. Но, најважно од сѐ е тоа што пријателките Жу и Жужу ја преживеале сушата и што нивното пријателство станало уште поголемо. По секоја суша доаѓа дожд, по дождот поточето станало река, вирчето голема бара, жалната врба повторно си ја вратила сенката… Хорот во чест на дождот одржал голем концерт на отворено, а големиот диригент Жабок јавно кажал…

Пријатели на Журче, почитувачи на музиката, тајната што ја чував неколку дена сега не е тајна. Од утре членови на мојот хор ќе бидат жирафата Жу и желката Жужу. Вакви таленти се раѓаат еднаш на сто години. Имаме покана да гостуваме и во жешката Африка. Таму за првпат ќе пеат нашите таленти.

Мене ми е јасно зошто во Африка има жирафи. Како што напишал приказнарот, жирафата Жу останала во Африка по големите концерти на хорот од Журче. Велат светот е мал, роднините на Жу секоја година за Нова година на жителите на Журче им испраќаат вреќи пустински песок колку да не заборават дека големите суши можат повторно да се вратат. Ете, направивме убава прошетка од нашето село Журче до далечната Африка. Колку има вистина во оваа приказна, не знам… колку сум за верување, исто така не знам… Ќе завршам со мојата позната мисла… Ако ми верувате арно, ако не уште поарно! За крај зборовите што ги пикнавме во оваа приказна, а што почнуваат на буквата Ж ги отклучуваме: желка, жирафа, Журче, Жу, Жужу, Жабок, жабурнак, жители, живот, жаба, Живојно, Живко, желба, живеат, жештина, жална врба…


Наместо белешка за авторот

Владо Димовски

Владо Димовски е познат македонски писател за деца и за возрасни, автор е на радиодрами и сценарист на телевизиски играни серии. Роден е во селото Долно Дупени, Ресенско во 1951 година. Работел во Македонското радио како новинар, а бил уредник на Редакцијата за деца, уредник на Секторот за култура, образование и наука и извршен уредник на играната програма.
Член е на ДПМ од 2000 година. Добитник е на голем број домашни и меѓународни награди.
Негови најпознати дела посветени на децата се: „Цвет од сонца“, „Умни глави“, „Приказни за буквите“, „Тате, мама и јас“, „Продавница за играчки“, „Испревртени приказни“ и други.
Чест гостин е во додатокот за деца „Колибри“, а до скоро на нашите страници се објавуваше неговата едукативна серија, која стигна до бројката 70, „Да зборуваме македонски со Владо Димовски“.