Со скромна свеченост и во согласност со протоколите за заштита од ковид-19, ОСУ „Мирко Милески“ во Кичево го одбележа Денот на училиштето, 1 октомври, кога на Буковик загинал народниот херој Мирко Милески-Урош, чие име со гордост го носи оваа образовна установа.
– Одбележувањето започна со полагање свежо цвеќе пред споменикот на патронот на училиштето, потоа од страна на ученичката Ангела Петрески беше прочитана песната „Тешкото“, додека од страна на друга ученичка од паралелките на турски јазик песната „Везилка“, на големиот македонски писател Блаже Конески. Свое кратко обраќање пред присутните имаше директорката Милка Спасевска, која ги поздрави вработените, учениците и гостите и им го честита денешниот празник – истакна Зоран Стојкоски, претседател на училишниот одбор.
Тој потсети на активностите спроведени од страна на учениците во текот на ова одбележување.
– Во холот на училиштето членовите на ликовниот клуб создаваа ликовни творби, додека учениците од медицинските паралелки им мереа притисок на заинтересираните присутни. Сите активности поради дождот се реализираа во внатрешноста на училишната зграда – додаде Сојкоски.
„Пронат инфо“ на две професорки на кои им заврши работниот век им подари по еден златник. З.А.